Подобрување во јавноста и достапноста на податоци за судењата, но и уназадување во перформансот и бројот на решени предмети. Формална, но не и суштинска транспарентност во работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и значителен одлив на кадар од судството и јавното обвинителство, покажуваат извештаите на Коалиција „Сите за правично судење“ што беа презентирани на годишната конференција за презентација на анализите за 2024 година.

Во изјава за медиуми пред конференцијата, Дарко Аврамовски од КСПС ги претстави главните наоди од мониторингот на судските постапки, работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и состојбите со човечките ресурси во судовите и јавните обвинителства.

 

-Главните наоди во однос на судските постапки се во голема мера слични на наодите кои ги имавме минатата година со тоа што имаме одредено подобрување во поглед на јавноста и достапноста на податоци за судењата и комуникацијата на судовите со јавноста, меѓутоа имаме уназадување во други области како што се перформансот и бројот на решени предмети во текот на надгледуваниот период, рече Аврамовски.

Од друга страна, како што дополни, кога станува збор за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители подобрувањата кои се детектирани таму се во насока на зголемување на транспарентноста.

„Меѓутоа мора да се потенцира дека станува збор за формална транспарентност а не и суштинска – она ако имате многу поголем број на достапни податоци за работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители јавно објавување на информации и податоци, но оние суштински моменти кога носат определена одлука повторно отсуствуваат битни образложенија независно за каков тип на одлука станува збор. Последен, најсвеж пример со тоа беше изборот на членовите за Управниот одбор во Академијата што беше практично пропратен со отсуство на суштински образложенија и аргументи зошто е тоа така“, дополни тој.

Третата анализа се однесува на состојбите со човечките ресурси која што, како што информираше Аврамовски, открила дека се соочуваме со одлив на кадар од правосудството.

-Третата анализа откри фрапантни податоци затоа што очекувано беше да видиме дека има некој недостиг на судии и јавни обвинители во државата, меѓутоа она што беше неочекувано е што видовме дека се соочуваме со неверојатен одлив на кадар од судството и јавното обвинителство кој во изминатите пет години не успеваме воопшто да го надокнадиме. Трендот ако продолжи вака ние практично ќе останеме без судии, јавни обвинители и стручни служби“, потенцираше тој.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, ја поздрави анализата за човечките ресурси и истакна дека ваквите истражувања се во насока на зацврстување на судската солидарност и унапредување на генералната состојба во судството.

„Соработката со граѓанските организации мора интензивно да продолжи и нивните предлози да се почитуваат и да се имплементираат. Дополнителна вредност е што таквите активности се достапни до јавноста и се во насока на стратешки определби за владеење на правото и стратегиите за реформи. Потребно е заеднички да работиме за доброто на судството, да ја унапредиме соработката со граѓанските организации во име на јавниот интерес и интересот на граѓаните“, посочи Адеми.

Во продолжение на конференцијата ќе се зборува за улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во правосудниот систем, ќе се направи преглед на состојбите од спроведениот судски мониторинг во 2024 година и ќе се презентира извештајот за ефикасност на судството и јавното обвинителство според состојбите со човечките ресурси.

globe

Слични новости

ДУИ: Владата без одложување да почне непристрасен и сеопфатен ветинг

ДУИ: Владата без одложување да почне непристрасен и сеопфатен ветинг

ДУИ ја повикува Владата веднаш да престане со користење на антикорупциската пропаганда за партиски цели и создавање димна завеса за прикривање на нејзините неуспеси во европската интеграција и влошувањето на меѓуетничките односи

Во Софија средба на Историската комисија – се разговарало за евентуални заеднички честувања и за препораките за македонските учебници за 7 одделение

Во Софија средба на Историската комисија – се разговарало за евентуални заеднички честувања и за препораките за македонските учебници за 7 одделение

Како што соопштија од македонскиот тим на заедничката Историска комисија, средбата помина во конструктивна работна атмосфера со интензивна расправа за прашања од делокругот на работата на Комисијата