Банките за храна во Германија се принудени да ја ограничат помошта за граѓаните поради сѐ големата побарувачка, вели челникот на здружението Tafel Deutschland, бидејќи одделните истражувања покажуваат дека трошоците за домување сѐ повеќе Германци туркаат во сиромаштија.
Третина од банките за храна се принудени да ја прекинат дистрибуцијата на храна или да воведат листи на чекање одвреме-навреме, а 60 отсто од нив имаат намалени пакети, рече Андреас Штепун во написот во Neue Osnabruecker Zeitung објавен во петокот.
Бројот на граѓани кои бараат помош е зголемен за 50 отсто од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, според Штепун. Во моментов, околу 1,6 милиони сиромашни луѓе во Германија ги користат услугите на банките за храна, додава првиот човек на Tafel Deutschland.
Банките за храна се борат да ја задоволат силната побарувачка бидејќи пензиите и платите не го следеа растот на трошоците за живот, објаснува.
„Банките за храна не можат да решат проблем што државата го запоставува со децении“, вели Штепун.
Ги повикува политичарите да преземат поодлучни активности за ублажување на сиромаштијата, истакнувајќи дека предлогот на канцеларот Олаф Шолц за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) на храната може да биде само првиот чекор кон решение.
Поради високите кирии и поврзаните трошоци за домувањето, повеќе германски граѓани денес се посиромашни отколку што досега се мислеше, според посебно истражување објавено во петокот.
Многу домаќинства трошат повеќе од една третина од својот приход за домување, а некои дури и повеќе од половината, според анализата на податоците на добротворната организација Paritaetische Gesamtverband, составена и објавена од заводот за статистика Destatis во петокот.
По плаќањето на киријата и поврзаните трошоци за домување и плаќањето камати на заеми и други слични сметки, повеќе од 17,5 милиони граѓани имаат приход што ги класифицира како сиромашни, покажува анализата.
Границата на сиромаштијата се определува со расположливиот месечен приход помал од 60 проценти од просечниот.
Милиони граѓани денес се невидливи во вообичаената статистика за сиромаштијата, бидејќи не се земаат предвид нивните трошоци за домување, предупредуваат од здружението.
„Доколку ги гледате само приходите и го игнорирате фактот дека луѓето денес имаат сè помалку пари на располагање бидејќи нивните трошоци за домување се зголемуваат, тогаш го занемарувате обемот на сиромаштијата во Германија“, предупредуваат авторите на анализата.
Кога ќе се земат предвид трошоците за домување, според нивните пресметки, повеќе од 20 отсто од населението во Германија е сиромашно. Според овие пресметки, прагот за самечко домаќинство е расположливиот приход од 1.016 евра месечно.
Слични новости
Што е следно за Франција по падот на владата
Крајот на француската политичка криза не се наѕира. Претседателот Емануел Макрон ќе именува нов премиер, но парламентот ќе остане поделен на три политички блока кои меѓусебно не се поднесуваат и се подготвени да ги кочат потребните реформи и новиот буџет што го предлагаат политичките противници.
Планот на Трамп за Украина: Територијални отстапки, но без разговори за НАТО
Советниците на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп јавно и приватно даваат предлози за ставање крај на војната во Украина, што би ѝ отстапило големи делови од таа земја на Русија во догледна иднина, без членство во НАТО, се вели во анализата на Reuters за изјави и интервјуа со луѓе блиски до новопечениот избран за претседател на САД
Американскиот ЛНГ ќе биде помалку конкурентен поради цената на новите терминали
Трошоците за изградба и опремување на нови капацитети ќе ги зголемат цените на американскиот течен природен гас (LNG) и ќе ѝ наштетат на неговата конкурентност на меѓународните пазари