Самитот на челниците на Европската Унија, кој започнува во четврток, не смее да заврши без одлука за финансирање на Украина, изјавија претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред состанокот.
„Нема да си заминеме од Европскиот совет без конечна одлука за финансирање на потребите на Украина за 2026 и 2027 година“, рече Антонио Кошта по пристигнувањето на самитот.
„Ја поддржувам изјавата на претседателот на Европскиот совет дека не можеме да го завршиме самитот без решение за финансирање на Украина во следните две години“, рече фон дер Лајен.
Финансирањето на Украина е клучна тема на самитот на 27-те членки, на кој во четврток му се придружи и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На масата се две опции предложени од Комисијата.
Првата е заедничко задолжување, кое би било гарантирано од европскиот буџет, а втората е бескаматен заем за Украина врз основа на замрзнати руски средства, кои треба да се вратат „само ако и кога“ Русија ќе плати воени репарации. Првата опција бара согласност од сите земји-членки, што е невозможно да се добие во оваа ситуација, додека за втората е доволно квалификувано мнозинство.
Сепак, заемот за репарации се соочува со тврдоглав отпор од Белгија, која ги држи повеќето замрзнати руски средства, а неколку други земји – Италија, Бугарија, Малта и Чешка – се скептични во врска со користењето на суверените средства бидејќи тоа би било без преседан спротивен на меѓународното право, повлекува правни последици и силно ќе го наруши кредибилитетот на финансискиот систем во ЕУ.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц е најголемиот поддржувач на заемот за репарации.
„Ја знаете мојата позиција, сакам да користиме замрзнати руски средства за финансирање на Украина. Не гледам подобра опција“, рече Мерц, додавајќи дека имал впечаток дека ќе се постигне договор.
„Денес се соочуваме со едноставен избор: или пари денес или крв утре. Од нас зависи да донесеме одлука и тоа е прашање на часови. Мислам дека сите европски лидери конечно мора да ја преземат одговорноста“, рече полскиот премиер Доналд Туск. Тој додаде дека не зборува за Украина, туку за Европската унија.
Друга важна тема што може да се наметне е прашањето за склучување договор со земјите од Меркосур, јужноамериканскиот блок составен од Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај.
Земјите-членки треба да одлучат за тоа со квалификувано мнозинство, за да може претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, да отпатува во Бразил во сабота и да го потпише трговскиот договор.
Сепак, двете големи земји, Франција и Италија, бараат тој да се одложи. Бидејќи станува збор за две големи земји, тие лесно би можеле да соберат блокирачко малцинство.
„Овој договор се преговара 25 години и сега е време да се донесе одлука. Ако Европската Унија сака да остане кредибилна во глобалната трговска политика, тогаш одлуките мора да се донесат сега“, рече германскиот канцелар Мерц.
„Исклучително е важно да добијам зелено светло за да го потпишам договорот“, рече претседателката на Комисијата, фон дер Лајен истакнувајќи дека ЕУ и Меркосур имаат пазар од 700 милиони потрошувачи.
Додаде дека Европската Унија мора да се ослободи од зависноста од другите и дека тоа може да се постигне преку мрежа на договори за слободна трговија, и дека договорот со Меркосур има „централно место“ во таа мрежа на договори.
Слични новости
Трамп: Пред единаесет месеци наследив неред и го поправам
Во реткото вечерно обраќање од Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп во средата се пофали со своите достигнувања и го обвини својот демократски претходник за вртоглавото зголемување на потрошувачките цени, додека неговата партија се подготвува за тешки среднорочни избори следната година
Во Македонија еден од пет луѓе користат алатки на вештачка интелигенција
Во Македонија еден од пет луѓе, или 22% на возраст од 16 до 74 години, годинава користел алатки за генеративна вештачка интелигенција. Повеќето ги користеле за лични цели (15,76%), додека 8,55% ги користеле за работа. Речиси еден од десет (9,4%) ја користеле за формално образование.
Американскиот Конгрес издвои 400 милиони долари од САД за вооружување на Украина во следните две години
Американскиот Конгрес вчера го одобри буџетот за одбрана што вклучува и 400 милиони долари годишна помош за Украина во следните две години. Се чека потписот од Трамп за одлуката да стапи во сила.


