Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сѐ уште ќе работам согласно Законот. Условите доколку се исполнети согласно Законот за ЈО, стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или на незаконит“, изјави Коцевски.

Во однос на барањето на премиерот Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски денеска во изјава за медиуми по седницата на Советот на јавни обвинители рече дека нема да коментира политички одлуки.
„Откако ќе го добијам предлогот од страна на Владата, да ги видиме основите што се предвидени во Законот за јавно обвинителство, па потоа ќе се произнесам во однос на тоа. Во однос на политичките одлуки засега не би дал коментар“, рече Коцевски.
Коцевски негираше судир на интереси во врска со неговото членство во Советот и изјави дека не постапува во предмети, туку врши менаџерска работа.
„Во јавноста треба да се види по кои предмети сум постапувал незаконито за да се произнесам. Јас не одам на судење, не постапувам во предмети, така што само ја вршам главно менаџерската работа и околу одредени работи коишто се предвидени согласно Закон за јавно обвинителство“, рече тој.
Во однос на критиките дека „имал време да се покаже“, одговори дека Јавното обвинителство е најтранспарентно во последните 30 години, со над 360 соопштенија и стотици одговори на новинарски прашања минатата година. Тој најави дека ќе продолжи со брифинзи за предмети од јавен интерес.
Владата на 11 февруари донесе одлука да поведе постапка за разрешување на Коцевски, а денеска на седница треба да го разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, тоа ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
Слични новости
Николоски: Бугарија испрати јасна политичка порака колу е посветена на железничкиот Коридор 8
Министерот за транспорт и врски Александар Ниоловски смета дека одлуката на бугарската Влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8 и дека „во вода паѓа“ и пропаганда против Владата, премиерот Христијан Мицкоски и против него
Владата ќе бара репреговарање на договорот за хеликоптерите „Леонардо“, МО има забелешки
Координативно тело за арбитражни постапки во Владата избира адвокатска куќа за разговори на Министерството за одбрана со италијанската компанија „Леонардо“.
Експерти од земјава и странство на подготвителната седница на Уставен суд за Законот за јазиците, ќе се дискутира за шест спорни правни прашања
На 20 март во Уставниот суд ќе се одржи подготвителната седница за Законот за јазиците, на која ќе учествуваат повеќе експерти, вклучувајќи претставници од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Венецијанската комисија и професори од правните факултети во државава