Пред избори слушаме за некои партии и политички движења, кои сосема сме ги заборавиле и сме мислеле дека исчезнале, ама пред секои избори, ете ги тука се. Повеќето од нив немаат ниту идеологија, ниту смисла и натаму да опстојуваат на политичка сцена, освен што функционираат како бироа за вработување од што црпат неколку илјади гласови, а можеби и помалку, па пред избори се шифтаат од една до друга победничка коалиција за да ќарат некое директорско место, пратеник или заменик-министерско место.
Само коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е сочинета од 24 партии. Голема коалиција со дузина пајтон партии има и СДСМ, а две коалиции има и во албанскиот политички табор. Има и петта коалиција без шанса за пратеничко место на изборите, па не вреди за неа да се пишува. Бездруго, ова е една од причините за толку масивна, пренатрупана јавна администрација која ја дави Македонија. А и владеењето го прави неефикасно.
Како ќе може ефикасно да владее идниот премиер и да има успех во работењето, ако не може да има одврзани раце и да бира кадри на клучни позиции според мерит систем, според знаење и квалитет, кога треба да ги задоволи апетитите на своето партиско членство, идните коалициски партнери во владата и плус еден куп помали партии кои настапиле со него во предизборната коалиција со надеж и тие да штбрнат нешто од „пленот“.
Во таков амбиент власта не се доживува како должност за да и се служи на државата и на националните интереси, како што би требало, туку како шанса за да се грабне од пленот. А премиерот, од старт ќе има врзани раце и ќе треба да прави стотици и стотици компромси и да балансира за сите да бидат задоволни. Можеби така ќе бидат задоволни сите партии и политички играчи кои на еден или друг начин партиципираат во власта, но секако нема да бидат задоволни граѓаните на Македонија, ниту реално може да се прават вистински реформи и да се оди напред.
Помалите партии – „прелетачите“ најбесрамно ги црпат функциите и привилегиите од учеството во власта до последен ден и потоа се нудат кај идниот победник, таму се приклучуваат и тераат по старо. Има огромен број примери во моментов, бесмислено е да ги редам партиите кои по којзнае кој пат менуваат табор за да се приклучат на власта. Амди Бајрам и неговото поимање на политиката не е феномен, туку парадигма за политичкото дејствување на еден куп партии чија единствена цел е паразитско приклучување кон власта и гол клиентелизам.
Големите партии пак имаат свои математики. Огромниот број партии во коалицијата ( идеологијата нема тука никаква врска во коалицијата на СДСМ на пример учествува партијата „Десница“) секоја по малку, а зборуваме за дваесет и кусур партии, на крајот имаат вредност во конечниот количник и може да биде пресуден фактор дали победникот на изборите ќе освои 50 или 55 пратенички места. А тоа драстично ја менува позицијата во преговорите за формирање идна влада.
Грците се отарасаа од евентуални политички блокади, со тоа што победникот на изборите добива бонус од 50 пратеници, таму парламентот е со 300 седишта, еквивалент на тоа кај нас би бил бонус од 20 пратеници за победникот на изборите. Мицотакис има одврзани раце да владее како што мисли дека треба и затоа е ефикасен. Бугарија има слична ситуација како кај нас, па таму има избори на секои неколку месеци со години наназад и континуирана политичка криза. Кај нас по изборите веројатно ќе се формира стабилно политичко мнозинство и ќе се избегне криза (овој пат заради огромната разлика во поддршката кај граѓаните меѓу двата главни политички субјекти, но тоа не е правило, на пример во 2020 резултат заврши 46:44) но од тоа ќе произлегуваат други купишта компромиси и баласти во администрацијата. Стопанската комора протестираше што владата има стотици агенции чија основна функција е да бидат „ухлебие“ и прибежиште за вработувања и молеше да има мораториум во создавање нови. Имаме исклучително гломазна, неефикасна и пренатрупана администрација, фаворизирана на сметка на приватниот сектор задушен од давачки за да се нахранат сите, а приватниот сектор е тој што треба да генерира раст и да ја движи државата напред.
Треба да се размисли за сериозна реформа во политичкиот систем. Можеби и за гласање на личности од понудените листи, а не да се влегува во парламент според редослед. Затоа што пратеничкиот состав во овој случај не го бираат граѓаните, туку самите партии ги креираат листите со победнички места за влез во парламентот. Кога граѓаните освен за партија или коалиција би гласале и за тоа кој да ги претставува во парламентот, би имале и подемократски систем и навистина би се знаела вредноста на политичарите кои би зависеле од поддршката и популарноста кај граѓаните и повеќе би воделе сметка како се однесуваат, а не од тоа како стојат во партијата која им обезбедува или не победничко место на изборната листа.
Како и да е, ова со огромните коалиции, со стотици партии кои учествуваат на изборите во земја со помалку од 2 милиони жители е тажна слика пред секои избори и навистина не личи на ништо.
Слични новости
Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми
Кампањата на Трамп не беше фокусирана дури ни кај традиционалните медиуми кои го поддржуваат како медиумите на Руперт Мардок. Очигледно е дека Трамп и неговите советници за кампања и медиуми подобро и повеќе знаеја која е Америка, што гледа и што слуша, откако нивната стратегија доби јасна верификација со изборниот резултат.
Македонија заостанува цел век во однос на интернет регулацијата
За цел свет, лажните вести и тешкотиите со регулацијата на цоцијалните медиуми и интернет просторот е главна тема. Македонија нема таков проблем. Си се однесува како да не постои интернет.
Силата на новата десница
Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница.