Прекинот на работата на одредени блокови поради планирано одржување, дефектите на две станици, но и ниските температури, создадоа проблеми во снабдувањето со електрична енергија во Република Кипар, а како што пишуваат кипарските медиуми во изминатите 24 часа мрежата била зајакната со „проток на струја од окупираните територии“.
Портпаролката на Операторот за пренос на електрична енергија на Кипар (DSMK) Хара Кусиапа за кипарската новинска агенција CNA рекла дека следните денови се очекува да бидат тешки во однос на енергетската доволност, поради студеното време кое се очекува да ја зафати земјата од четвртокот.
„Ситуацијата е тешка, побарувачката е на многу високо ниво. Се надеваме дека нема да се појават проблеми, но внимателно го следиме развојот на настаните и ќе донесеме соодветни одлуки“, рекла Кусиапа за CNA.

Според податоците што ги објавуваат кипарските медиуми, во 10 часот утрово фотоволтаиците произвеле 208 мегавати, а од регуларното производство се 530 мегавати, додека вкупната побарувачка била 744 мегавати, но процените се дека во текот на ноќта ќе надмине 900 мегавати и нема да има поддршка од обновливите извори на енергија.
Дополнително, Република Кипар добила електрична енергија од северниот дел на островот, за што портпаролката на DSMK објаснила дека станува збор за технички процес што се одвива во рамките на мерките за градење доверба и поради меѓусебното поврзување на двата системи.
„Размената на енергија помеѓу двата системи е обично мала и се одвива поради стабилност на системот, без никаква економска трансакција“, посочила портпаролката.
Критичните часови за енергетскиот систем на Кипар се од 18 до 21 часот, кога побарувачката е највисока и нема придонес од обновливите извори на енергија, како што се фотоволтаиците, па Кусиапа апелирала до граѓаните да ја ограничат потрошувачката на електрична енергија во овие часови за да се намали опасноста од прекини.
„Добро би било апаратите што трошат многу енергија, како што се машини за перење и за миење садови, да се користа во часови кога има сонце и доволно енергија од фотоволтаици“, нагласила портпаролката на Операторот за пренос на електрична енергија на Кипар.
Слични новости
Започнаа прелиминарните работи во Грција за изградбата на интерконекторот со Македонија, известуваат грчките медиуми
„Патувањето“ на новиот гасовод Грција – Северна Македонија започна, со оглед на тоа дека „Терна“ ги стартуваше моторите, започнувајќи ги прелиминарните работи за грчкиот дел од проектот, пишува грчкиот енергетски портал „Енерџи маг“ во однос на интерконекторот за природен гас меѓу двете земји
Земјотрес со магнитуда 5 степени регистриран близу Пелопонез
Земјотрес со јачина од 5 степени беше регистриран кусо пред 19 часот по локално време во морскиот дел северозападно од грчкиот полуостров Пелопонез
Радев е категорично против испраќање бугарски војници во Украина
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека е категорично против испраќање бугарски војници во Украина, без разлика на формата