Украина ги повика своите партнери да ја почитуваат нејзината позиција, додека техничката работа продолжува за проучување на планот поддржан од САД за завршување на војната, изјави во петокот висок украински функционер.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, деловниот човек и до неодамнешен министер за одбрана Рустем Умеров, рече дека непроменливите принципи на Украина се „суверенитет, безбедност на народот и праведен мир“.
„Внимателно ги проучуваме сите предлози на нашите партнери и очекуваме ист коректен став кон позицијата на Украина“, рече Умеров во изјава за апликацијата Telegram.
Според планот поддржан од САД, во кој увид имал Reuters, Киев ќе мора да го отстапи целиот регион Донбас и да ја намали својата војска, услови што сојузниците на Украина долго време ги сметаат за еднакви на капитулација.
Планот вели дека Украина ќе мора да ја ограничи својата војска на 600.000 војници и ќе „добие силни безбедносни гаранции“, без да образложува, според Reuters. Агенцијата AFP, пак, претходно во четвртокот вечерта објави дека бројноста на украинската армија треба да се сведе на 400.000 припадници, речиси половина од редовниот состав пред почетокот на руската инавазија во февруари 2022 година.
Сега околу милион луѓе служат во украинските вооружени сили, бранејќи повеќе од 1.200 километри од фронтовската линија од поголема руска армија.
Предлозите прават неколку отстапки за Русија, вклучително и тоа дека САД ќе ги признаат Крим, Луганск и Доњецк како де факто руски и дека украинските сили ќе се повлечат од малиот пограничен дел од регионот Доњецк што го контролираат, но постепено го губат пред налетот на руските сили.
Претседателот Володимир Зеленски се сретна со секретарот на американската армија Даниел Дрискол, во Киев во четвртокот вечерта и по состанокот изјави дека Киев е подготвен да соработува „искрено“ со Вашингтон по ова прашање.
Извор запознаен со ова прашање за Reuters изјави дека американските претставници планираат да ги информираат амбасадорите на Европската унија во Киев за нацрт-планот подоцна во петокот.
Слични новости
Најмалку 23 мртви во пожар во ноќен клуб во Гоа
Најмалку 23 лица, меѓу кои и неколку странски туристи, загинаа во пожар во популарниот ноќен клуб Арпори во индиската држава Гоа
Грчката крајбрежна стража пронајде брод со 18 мртви мигранти
Грчката крајбрежна стража пронајде брод со 18 мртви мигранти близу брегот на Крит, објави грчката јавна телевизија ERTnews во саботата
Зеленски задоволен од разговорот со Виткоф
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека имал долг и „содржаен“ телефонски разговор со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер


