Има широка политичка поддршка за да се обезбеди воена помош на Украина во вредност до 40 милијарди евра, а разговорите за деталите сега се во тек, изјави во понеделникот високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
„Постои широка политичка поддршка за одбранбената иницијатива за Украина од 40 милијарди евра, сега се разговара за деталите“, рече Калас по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки.
Истакна дека „сите разбрале дека токму сега треба да ја покажеме нашата решителност и да ја поддржиме Украина за да може да се одбрани“. Иницијативата ќе ја разгледаат и челниците на земјите членки на нивниот самит в четврток.

Калас предложи земјите-членки да ѝ обезбедат на Украина итна воена помош во вредност од најмалку 20 милијарди и па до 40 милијарди евра. Овој предлог вклучува и набавка на два милиона парчиња артилериска муниција, системи за противвоздушна одбрана и обука на украински војници. Земјите-членки ќе придонесат според нивната економска сила во форма на финансиска или материјална помош.
Целта на оваа иницијатива е да се зајакне позицијата на Украина во преговорите што ги води со САД и евентуално со Русија за прекин на огнот. Оваа помош, според Брисел, треба да му овозможи на украинското раководство да отфрли потенцијално неповолен мировен предлог што Доналд Трамп и Владимир Путин би можеле да се обидат да го наметнат.
Бројката од 40 милијарди евра одговара на сумата што Американците и Европејците заедно ја дадоа на Украина минатата година, што значи дека евентуалното целосно прекинување на американската помош оваа година нема сериозно да го загрози украинскиот отпор, се надеваат во ЕУ.
Поучена од искуството со Унгарија, која постојано ги блокира сите иницијативи за воена поддршка во полза на Украина тврдејќи дека тоа само ја продолжува војната и страдањата на луѓето, Калас предложи учеството во оваа иницијатива да биде на доброволна основа. Тоа значи дека Унгарија и Словачка нема да бидат обврзани да придонесуваат, но нема да можат да ја блокираат помошта, а на иницијативата би можеле да се приклучат и земји кои не се членки на ЕУ, како што се Велика Британија и Норвешка.
Во првата верзија на нејзиниот план, Калас предложи земјите да придонесат во оваа иницијатива според нивната економска сила, односно големината на нивниот бруто домашниот произод (БДП), односно големите земји да придонесуваат најмногу. Според ова, најмногу би дала Германија – 24 отсто, потоа Франција 18 отсто, а Италија 13 отсто.
Сепак, Франција и Италија се високо задолжени земји и немаат многу фискален простор и се противат на поделба на товарот според БДП-то. Франција е подготвена да испрати свои војници во Украина во случај на мировен договор и сака тоа да се земе предвид.
Позицијата на Италија е помалку јасна. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани рече дека неговата земја не е единствената која бара дополнително разгледување на предлогот.
Слични новости
Ден на жалост во Црна Гора, Србија и Бугарија поради трагедијата во Кочани
Во Црна Гора денеска е ден на жалост по трагедијата во Македонија кога во пожар во дискотека во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а над 100 се повредени. Во Србија и Бугарија утре ќе биде ден на жалост.
Министрите на ЕУ разговараат за нов план за воена помош за Киев вреден милијарди евра
Министрите за надворешни работи на Европската унија треба да се состанат во понеделник за да разговараат за нова иницијатива која би можела да обезбеди милијарди евра дополнителна воена помош за Украина
Каја Калас: Условите на Русија покажуваат дека Москва не сака мир во Украина
Условите на Москва за примирје, всушност покажуваат дека тие не сакаат мир, бидејќи тие услови се крајните цели на војната“ изјави Калас по состанокот на Советот за надворешни рабти на ЕУ