Европската унија треба да ги ублажи санкциите кон Сирија доколку новото водство на земјата преземе „позитивни чекори“ за формирање инклузивна влада која ги почитува правата на жените и малцинствата, рече еврокомесарката за надворешни работи, Каја Калас.
„Многу министри за надворешни работи на ЕУ, исто така, изјавија во понеделникот во Брисел дека Сирија треба да се ослободи од руското влијание, како што се воените бази во земјата“, изјави Калас за новинарите.
Калас рече дека испратила висок дипломат да се сретне со претставници на Хајат Тахрир ал-Шам (HTS) која се појави како водечка сила во Дамаск по соборувањето на претседателот Башар ал-Асад пред повеќе од една седмица.
Челниците на ЕУ го поздравија падот на Асад, откако долго го осудуваат неговото „репресивно владеење и воведоа тешки санкции врз земјата“. Но, сега се соочуваат со дилемата како да се справат со HTS, која во Обединетите нации ја ставија на листата терористички организации. Групата беше огранок на Ал Каеда, наводно додека не ги прекинала врските со џихадистичката мрежа во 2016 година.
Во 2020 година, ЕУ ја обвини HTS за незаконски затворања, мачења и убивање цивили кои живеат во областите под контрола на групата и дека многу од нив спаѓаат под воени злосторства или злосторства против човештвото.
„Не сакаме да видиме екстремизам, радикализација“, рече Калас, додавајќи дека HTS досега ги „кажала вистинските работи“, но дека групата ќе мора да биде оценета според нејзините постапки.
Калас рече дека разговарала со министрите на ЕУ за тоа дали се подготвени да ја применат политиката на санкции доколку видат „позитивни чекори, не зборови, туку вистински чекори и постапки“ од новото раководство.
„Мораме да имаме план кога ќе видиме чекори, да дејствуваме позитивно и да помогнеме во развојот на Сирија“, рече таа.
Сегашните санкции на ЕУ вклучуваат забрана за извоз на оружје во Сирија и увоз на нафта од земјата, како и забрана за инвестиции во сириската нафтена индустрија и замрзнување на сите средства на сириската централна банка во ЕУ.
Слични новости
Русија го уапси атентаторот на генерал Кирилов
Руската Федерална служба за безбедност соопшти дека денекса е уапсен осомничениот за терористичкиот напад во кој беше убиен начелникот на руската...
На Мајот стравуваат од „десетици илјади“ можни жртви на циклонот
Три дена откако циклонот Шидо ја погоди француската прекуморска територија во Источна Африка, службите за итни случаи не регистрираа многу повреди, поради што стравуваат од најлошото
Илон Маск и неговата компанија под безбедносни проверки
Воздухопловните сили неодамна ги навеле потенцијалните безбедносни ризици како причина поради која му ускратиле на Маск безбедносен пристап на највисоко ниво