Израелските напади врз Сирија и Либан може да доведат до „нова ескалација“ во регионот, изјави во понеделникот во Ерусалим шефицата за надворешна политика на Европа, Каја Калас, по пристигнувањето во Израел, таа најави дека од одговорните ќе побара „итно враќање“ на примирјето во Газа.
„Воените акции мора да бидат пропорционални, а израелските напади врз Сирија и Либан ризикуваат да предизвикаат нова ескалација“, рече Калас на прес-конференција со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар.
„Сметаме дека овие дејствија не се неопходни бидејќи Сирија во моментов не го напаѓа Израел, а тоа ја поттикнува радикализацијата која, исто така, е насочена против Израел“, рече Калас.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност синоќа по пристигнувањето во Израел изјави дека страдањата мора да завршат во Појасот Газа.
Калас рече дека ќе бара „итно враќање“ на договорот за прекин на огнот за да се запре „уништувањето на Појасот Газа“.
„Израелската воена офанзива предизвика ужасни загуби на животи. Сѐ додека оваа војна продолжува, двете страни ќе губат. Израел има право да се брани, но мора да ги почитува цивилните животи и хуманитарното право. Заканите за анексија на делови од Појасот Газа се неприфатливи“, додаде таа.
Високата претставничка на ЕУ рече дека во разговорите со израелските и палестинските претставници ќе ја нагласи потребата од итни преговори, истакнувајќи дека „уништувањето на Газа само ја поттикнува радикализацијата“.
Во Израел, Каја Калас ќе се сретне и со претседателот Исак Херцог и со лидерот на опозицијата Јаир Лапид, додека на палестинска страна ќе разговара со претседателот Махмуд Абас и премиерот Мохамед Мустафа.
По соборувањето на Башар ал=Асад од власт во Сирија во декември, Израел изврши десетици напади врз воените позиции на поранешниот сириски режим, тврдејќи дека не сака оружјето да заврши во рацете на новите власти кои ги смета за џихадисти. Израелската дипломатија, исто така, смета дека привремениот сириски претседател Ахмад ал-Шара е „волк кој се преправа дека е јагне“.
Израелската армија ги распореди своите сили во демилитаризираната зона на Голанската висорамнина. Новите сириски власти ја осудија „агресијата што е дел од израелската кампања против сирискиот народ и стабилноста на земјата“.
Исто така, и покрај прекинот на огнот со Хезболах, кој стапи на сила на 27 ноември, Израел редовно го напаѓа Либан, гаѓајќи ја инфраструктурата или членовите на Хезболах поддржан од Иран.
Слични новости
Украина ја обвини Русија за напад врз црноморскиот град Миколаив
Русија изврши напад со беспилотно летало врз украинското пристаниште Миколаив на Црното Море во текот на ноќта и го погоди рударскиот град Криви Рих во најголемиот напад со беспилотни летала во средата
Осумнаесет загинати во еден од најтешките пожари во Јужна Кореја
Осумнаесет лица загинаа во серија шумски пожари, меѓу најголемите во историјата на Јужна Кореја, кои предизвикаа „невидена штета“ и ги надминаа сите прогнозирани модели, изјави во средата привремениот претседател Хан Дак-Су
Русија и Украина ќе ги прекинат воените дејствија во Црното Море, соопшти Белата куќа
Русија и Украина се согласија да ги прекинат воените дејствија во Црното Море, објави во вторникот Белата куќа, наведувајќи детали од разговорите одржани во Саудиска Арабија