Улогата на компанијата „SpaceX“ на Илон Маск во новиот американски систем за ракетна одбрана е доведена во прашање по минатонеделната расправија меѓу милијардерот претприемач и американскиот претседател Доналд Трамп, изјавија за Reuters три лица запознаени со проектот.
Белата куќа до неодамна разгледуваше план „SpaceX“, ракетниот и сателитскиот потфат на Маск, да соработува со производителот на софтвер „Palantir“ и производителот на дронови „Anduril“ за изградба на клучни елементи од проектот, наречен Златна купола (Golden Dome). Администрацијата му наложи на Пентагон да даде приоритет на мрежа од сателити за таа цел, велат изворите, зборувајќи под услов на анонимност.

Но сега системот, кој има цел да ги следи и одвраќа потенцијалните ракетни напади врз САД, се разгледува во рамките на нова рамка што би можела да ја намали улогата на „SpaceX“. Една опција, според трите извора на Reuters, би била да се напуштат сателитските капацитети на „SpaceX“ и да се фокусира на проширување на постојните системи за ракетна одбрана на копно.
Во писмена изјава, портпаролот на Белата куќа навел дека „администрацијата на Трамп е посветена на ригорозен процес на преглед за сите понуди и договори“. Висок функционер на Министерството за одбрана рекол дека Пентагон „нема најави во врска со идните договори поврзани со напорите за Златната купола“.
Компаниите „SpaceX“, „Anduril“ и „Palantir“ не одговориле на барањата на Reuters за коментар.
Намалената улога на „SpaceX“ би била првиот познат удар врз обемните деловни зделки на Маск со американската влада откако тој ги расипа односите со Трамп минатата седмица.
Промената во плановите, особено за проект што Трамп го нарече најважен за одбранбената стратегија на САД, исто така, ја нагласува високо персонализираната природа на раководството на претседателот, рекоа експертите за воздухопловство и одбрана.
Во изјава за Reuters, Белата куќа вели дека секоја одлука ќе биде донесена „со приоритет на најдобриот договор за Америка и искористување на најнапредната и иновативната технологија“.
Трамп во мај изјави дека одбранбениот штит треба да биде оперативен до крајот на неговото претседателствување, во јануари 2029 година. Но, експертите од индустријата велат дека тој временски рок и проектираните трошоци од околу 175 милијарди долари може да бидат премногу оптимистички.

Слични новости
Израелската војска соопшти дека нападите врз Иран само што почнаа
Израелската војска соопшти дека нејзините воздухопловни сили продолжуваат да го напаѓаат Иран и дека операцијата тукушто започна. Израел ноќеска отпочна напад врз Иран, наведувајќи дека се гаѓани нуклеарни објекти, фабрики за балистички проектили, воени команданти и физичари, чија цел е да се спречи Техеран да развие нуклеарно вооружување.
Трамп: Се надевам дека Иран ќе се врати на преговарачката маса по нападите
Претседателот на САД Доналд Трамп денеска изјави дека Иран не може да има нуклеарна бомба и дека САД се надеваат дека властите во Техеран ќе се вратат на преговарачката маса.
Иран побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации
Владата на Иран соопшти дека израелскиот напад врз оваа земја во кој има голем број на загинати докажува дека „нелегитимниот режим во Ерусалим“ не се придржува до никакви меѓународни правила и закони.