Пакистанската престолнина денеска е под засилени безбедносни мерки и речиси целосно мирна, додека властите го затворија градот пред почетокот на преговорите меѓу САД и Иран, чија цел е постигнување траен прекин на огнот по повеќенеделен конфликт. Според дипломатски извори, разговорите треба да започнат во сабота, а во Исламабад се очекуваат делегации од Вашингтон и Техеран.
Во градот се распоредени дополнителни полициски и воени сили, поставени се контролни пунктови, а дел од патиштата се затворени, додека жителите остануваат во своите домови поради дводневен државен празник.
На преговорите во Исламабад од американска страна се очекува да пристигне делегација предводена од американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, додека Техеран соопшти дека распоредот сè уште не е конечен, што остава неизвесност околу стартот на средбите.
САД, според проценките, настојуваат да обезбедат политички „излез“ од конфликтот, додека Иран се обидува да ја зацврсти својата позиција и влијание, особено преку контролата врз стратешки важниот Ормутски теснец.
Можните мировни преговори меѓу САД и Иран, што треба да се одржат во Пакистан, се случуваат во атмосфера на длабока недоверба и ескалација на насилството во повеќе делови од Блискиот Исток, особено во Либан, каде Израел продолжува со воени операции против Хезболах, а бројот на жртви според локални извештаи надминува илјада.
Токму борбите во Либан дополнително го разнушуваат кревкото примирје, а прекинот на воените дејства таму е еден од условите на Иран за да седне на преговарачка маса. Сепак израелската страна тврди дека операциите ќе продолжат сè додека не се елиминира заканата.
Слични новости
Иран им се закани на САД и Израел по обраќањето на Трамп
Иран им се закани на САД и Израел со „уништувачки напади“ по најавите на Доналд Трамп за нови воени удари врз Исламската Република.
Трамп: Војната во Иран ќе заврши многу бргу
Во обраќањето до нацијата од Белата куќа Трамп порача дека САД ќе ги уништат сите ирански електрани и дека ќе ги гаѓаат и постројките за нафта, доколку не биде постигнат договор со иранските лидери.
Десет Израелци повредени во денешниот жесток ирански напад врз Израел
Десет лица, вклучувајќи и деца биле повредени во денешниот ирански напад врз Израел, а едно девојче е во критична состојба и се бори за живот, соопштија од медицинскиот центар Шеба.


