Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа во вторникoт, ден откако Советот за безбедност на Обединетите нации ја усвои резолуција на САД со која се поддржува планот.
Министерство за надворешни работи на Палестинската самоуправа, којашто управува со другата енклава Западниот брег, исто така, го поздрави усвојувањето на резолуцијата, која доби 13 од 15 гласови во Њујорк, и повика на нејзино итно спроведување. Русија и Кина поради дециднот не споменување во резолуцијата на палестинската државност во иднина туку само како можност, се воздржаа од гласањето, за што им се заблагодари Трамп преку социјалните мрежи.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во соопштение испратено до новинарите во вторник, го нарече усвојувањето на резолуцијата за Газа важен чекор во консолидирањето на прекинот на огнот, објави Reuters.
„Сега е клучно дипломатскиот моментум да се претвори во конкретни и итно потребни чекори на терен“, наведе Гутереш, додавајќи дека ОН е посветена на зголемување на хуманитарната помош во Газа.
Гутереш, исто така, вели дека е важно да се продолжи со движењето кон втората фаза од американскиот план, што води кон политички процес за постигнување решение со две држави меѓу Израел и Палестинците.
Резолуцијата подготвена од САД го одразува мировниот план на претседателот Доналд Трамп за Појасот Газа, кој вклучува распоредување на меѓународни сили на палестинската територија уништена од двегодишна војна.
„Веруваме дека планот на претседателот Трамп ќе доведе до мир и просперитет бидејќи планот нагласува целосна демилитаризација, разоружување и дерадикализација на Газа“, се вели во пораката на англиски јазик од канцеларијата на премиерот Нетанјаху на X.
„Израел им подава рака на сите свои соседи, носители на мирот и просперитетот, и ги поканува да ги нормализираат односите со Израел и да му се придружат во протерувањето на Хамас и неговите поддржувачи од регионот“, се додава во објавата.
„Во соработка со САД и другите земји кои го потпишаа планот на претседателот Трамп, очекуваме без одлагање да ги примиме сите починати заложници и да го започнеме процесот на ставање крај на владеењето на Хамас над Газа“, продолжува соопштението.
Според условите на договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на САД, кој стапи на сила на 10-ти октомври, палестинското исламистичко движење сè уште не ги вратило телата на тројцата заложници земени за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, со кој започна војната.
Палестинското Министерство за надворешни работи во Рамала на Западниот брег објави дека гласањето во Њујорк го потврди „правото на палестинскиот народ на самоопределување и воспоставување на своја независна држава“, како и непреченото доставување хуманитарна помош во Газа.
Се нагласи „итната потреба од итно спроведување на оваа резолуција на терен, за да се обезбеди враќање во нормален живот, заштита на нашето население во Појасот Газа, спречување на раселување, гарантирање на целосно повлекување на окупаторските сили, овозможување на реконструкција, запирање на поткопувањето на решението за две држави и спречување на анексијата“, според соопштението објавено на X.
Слични новости
Замир постави нова граница со Појасот Газа
Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, изјави дека линијата до која се повлекоа израелските сили сега е новата граница меѓу Израел и палестинските територии
Индонезија се справува со последиците од поплавите во кои загинаа над 900 луѓе
Индонезија се справува со последиците од масовните лизгања на земјиштето и ненадејните поплави предизвикани од циклонот на островот Суматра минатата седмица, при што бројот на жртвите во неделата надмина 900 луѓе
Макрон по примерот на Трамп ѝ се закани со царини на Кина
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека му се заканил на Пекинг со царини за време на посетата на Кина доколку не преземе мерки насочени кон намалување на растечкиот трговски суфицит со Европската унија


