Жрепката за Светското фудбалско првенство во 2026 година во Вашингтон беше спектакл во холивудски стил, експлозија од гламур, црвени теписи и мноштво светски ѕвезди, а Македонија доколку го мине плејофот против Данска а потоа биде подобра и во соочувањето со победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска ќе се најде во групата А.

На помалку од 200 дена до почетокот на Светското првенство, сите очи беа насочени кон Вашингтон, каде што се одржа жрепката за групите на Светското првенство. ФИФА посакуваше шоу и спектакл за да го привлече вниманието на пошироката јавност во Соединетите држави. Затоа, жрепката повеќе личеше на премиера на блокбастер филм отколку на традиционална спортска церемонија.

Церемонијата, која се одржа во Центарот за сценски уметности „Џон Ф. Кенеди“, ја водеа германскиот супермодел Хајди Клум и американскиот актер и комичар Кевин Харт, како и актерот и продуцент Дени Рамирез, а во програмата беа вклучени и американските спортски икони Том Брејди, Вејн Грецки, Арон Џаџ и Шакил О’Нил. Музичкиот дел од програмата вклучуваше настапи на Андреа Бочели, Роби Вилијамс, Никол Шерцингер и бендот Вилиџ Пипл.

Светското првенство заеднички го организираат САД, Канада и Мексико, а ќе се одржи од 11-ти јуни до 19-ти јули следната година. Освен што е прво Светско првенство со три домаќина, ќе учествуваат рекордни 48 репрезентации.

Репрезентациите пред жрепката беа поделени во четири групи според квалитетот. Моментално се познати 42 учесници, а преостанатите шест места ќе бидат пополнети во март по дополнителните квалификации.

Четири места се резервирани за победниците од европските плејоф натпревари, во кои ќе се најдат 12-те второпласирани репрезентации од квалификациските групи и четирите најдобри репрезентации од Лигата на нации кои не се квалификуваа директно.

Преостанатите две места се резервирани за победниците од Интерконтиненталните плејоф натпревари, на кои ќе учествуваат по еден тим од Азија, Африка, Јужна Америка и Океанија, како и два од Северна и Централна Америка. Натпреварите ќе се играат во мексиканските градови Гвадалахара и Монтереј, кои исто така ќе бидат домаќини на Светското првенство. Селекциите коишто ќе се квалификуваат преку плејофот беа сместени во четвртиот „барабан“.

Програмата ја отвори италијанскиот тенор Андреа Бочели со фантастична изведба на аријата „Несун Дорма“ од операта „Турандот“, по што претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, одржа воведен говор.

„Фудбалот е јазикот на среќата. Сите сме тука за да го прославиме фудбалот и најдоброто Светско првенство во историјата. Пред нас е неверојатно лето. Светското првенство е најголемиот настан што човештвото некогаш го видело и некогаш ќе го види. Имаме три неверојатни земји, 16 прекрасни градови и 48 тима кои се натпреваруваат да освојат уникатен светски шампион. Тоа е како да имате 100 Супербоули за еден месец“, рече Инфантино.

Следеше нов музички блок, овојпат со Роби Вилијамс и Никол Шерцингер кои ја изведоа песната „Дезир“, по што првиот човек на светскиот фудбал му ја врачи Наградата за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.

По доделувањето на наградата, започна извлекувањето. На самиот почеток, Трамп, канадскиот премиер Карни и мексиканската претседателка Шајнбаум учествуваа во протоколот со извлекување топчиња со имињата на националните селекции.

Следеше извлекувањето на групите, а започна со првата група според квалитетот. Како домаќини, Мексико (зелено топче) отиде во Група А, Канада (црвено) во Група Б, а САД (сино) во Група Д. Потоа процесот беше повторен за преостанатите три групи според квалитетот.

Извлекувањето го водеше Рио Фердинанд заедно со Саманта Џонсон, потпомогнат од американските спортски легенди Том Брејди, Вејн Грецки, Арон Џаџ и Шејкил О’Нил.

Според правилата, тимовите од истата квалитетна група не можат да бидат во истата група. Исто така, тимовите од истата конфедерација не можат да бидат заедно, со исклучок на Европа (УЕФА). Секоја група мора да има најмалку една, а максимум две европски репрезентации.

ФИФА, исто така, воведе дополнителна „заштита“ за најголемите фаворити. Четирите најдобро рангирани тимови – Шпанија, Аргентина, Франција и Англија беа сместени на различни страни од жрепката. Ова значи дека, доколку победат во своите групи, не можат да се сретнат пред полуфиналето.

Групите на Светското првенство

ГРУПА А: Мексико, Јужна Африка, Јужна Кореја, победник Данска/ Македонија/Чешка/Ирска

ГРУПА Б: Канада, Катар, Швајцарија, победник Италија/Ј. Ирска/Велс/Босна и Херцеговина

ГРУПА Ц: Бразил, Мароко, Шкотска, Хаити

ГРУПА Д: САД, Парагвај, Австралија, победник Турција/Романија/Словачка/Косово

ГРУПА Е: Германија, Брегот на Слоновата Коска, Еквадор, Курасао

ГРУПА Ф: Холандија, Јапонија, Тунис, победник Украина/Шведска/Полска/Албанија

ГРУПА Г: Белгија, Египет, Иран, Нов Зеланд

ГРУПА Х: Шпанија, Зелено’ртски Острови, Саудиска Арабија, Уругвај,

ГРУПА I: Франција, Сенегал, Норвешка, победник Боливија/Суринам/Ирак

ГРУПА Ј: Аргентина, Алжир, Австрија, Јордан

ГРУПА К: Португалија, Узбекистан, Колумбија, Нова Каледонија/Јамајка/Конго

ГРУПА Л: Англија, Хрватска, Панама, Гана

globe

Слични новости

Бразил доби тешка група, оцени Анчелоти

Бразил доби тешка група, оцени Анчелоти

Бразил е извлечен во „тешка група“ на Светското првенство во 2026 година, со Мароко, Шкотска и Хаити како негови противници, изјави селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, по жрепката во Вашингтон