Официјално стартуваше изборната кампања за претседателските избори, но нема никаков сомнеж дека паралелно со тоа оди и кампањата за парламентарните избори. Ова секако не му оди во прилог на кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски кој евентуалната шанса на изборите ја има како актуелен претседател на сите граѓани, дистанциран од брендот на СДСМ кој на овие избори настапува со незапаметено оштетен бренд и се наоѓа пред веројатно најлошиот изборен резултат што било кога го остварила оваа партија.

Пендаровски се обидува да искомуницира пораки дека неговиот мандат беше натпартиски и дека бара втор мандат за да биде токму таков претседател, но тие пораки се преклопени од жестока партиска кампања, дуели на претставници на партиите од пониски ешалони, па се до самите лидери, заедно со традиционалниот фолклор како што се партиските митинзи и партиски медиумски препукувања. Кампањата за првиот круг од претседателските избори има целосен контекст на заземање подобри стартни позиции за парламентарните, отколку што е кампања за претседател на државата по себе, и тоа е проблемот на Пендаровски. Пред вториот круг и стартот на официјалната кампања за парламентарните избори овој амбиент само ќе се засили.

Една од главните теми се анкетите и лажните вести. СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека лиферува лажни анкети и дека има создадена цела ПР стратегија како да влијае врз расположението на избирачите со лажни анкети преку јавниот сервис. Подлога за тоа на СДСМ им е агенцијата која ги изготвува анкетите за МТВ ИПИС која отсекогаш важела за агенција блиска до ВМРО-ДПМНЕ, исто како и нејзиниот сопственик Владимир Божиновски. Но, се друго е спин.

Нема ниту еден доказ дека Божиновски кога и да е, изготвувал лажни анкети или ги штелувал. Човекот ги врши истражувањата и анкетите со децении и досега немало никаков скандал во смисла дека неговата анкета е спорна од аспект на методологијата во истражувањето, или дека влијаел врз резултатите добиени од истражувањата. Ако сакате да дискредитирате анкета, треба да докажете дека таа е методолошки неисправна и неиздржана, а не да тргнете со дисквалификации ад хоминем врз оној што ги прави анкетите.

Вториот проблем што го има СДСМ во наративот е што постојано вели дека се анкетите лажни, а дека ќе се видат вистинските резултати кои немаат допирна точка со истражувањата. Ако имате анкети со сосема поинакви резултати, зошто не ги обелоденувате? Таква една нихилистичка позиција дека сите анкети не чинат и се нарачани упатува порака дека Македонија, за разлика од целиот демократски и цивилизиран свет, нема капацитет да спроведе ниту едно релевантно истражување пред ибори?!?

Секако дека во Македонија има сериозни професионалци во оваа област и во сите изборни циклуси досега, анкетите кои се изработуваат главно со отстапување од плус-минус 3 проценти од резултатот, секогаш биле во маргините на статистичката грешка, значи сосема валидни и прецизни. Како главен уредник на Телма заедно со Рејтинг и Институтот за демократија сме објавиле десетици анкети и сите беа точни ! Зошто СДСМ не ги објави сопствените анкети? Нема сомнение дека голема владејачка партија прави анкети за сопствените потреби, а особено пред избори и тоа што СДСМ ги крие и не сака да се емитуваат во јавноста е показател дека тие битно не отстапуваат од анкетите кои се дадени на јавен увид. Една е позицијата се што гледате да дискредитирате и да етикетирате дека не чини, притоа без никаов аргумент дека истражувањата не се валидни, а сосема друга е да велите овие конкретни истражувања се неточни, еве ги нашите за кои сметаме дека се точни !

Оваа ПР стратегија на владејачката партија е целосно промашена. Особено од аспект дека овие избори се исклучително специфични, затоа што на две недели пред парламентарните избори ќе имаме резултат на првиот круг од претседателските кој ќе биде јасен параметар за тоа каква е популарноста на партиите кои ги поддржаа кандидатите.

Затоа и има седум претседателки кандидати на коалиции и партии кои водат агресивни кампањи, затоа што се свесни дека изборниот резултат од првиот круг на претседателските избори битно ќе влијае и врз парламентарните. Од тој аспект, голема е веројатноста на СДСМ да им се случи демистификација на наративот за лажни анкети што е проблем по себе, но уште поголем ќе биде шокот на избирачите кои можеби поверувале на наративот и очекувале поинаков резултат. Тоа ќе биде деморализирачки за вториот круг од изборите, што би можело да резултира со уште полош исход од оној што во моментов е проектиран.

Резултатот од првиот круг на претседателските избори ќе биде многу важен. Освен бројките, важна е и психологијата, затоа што голем дел од неопределените се приклонуваат кон миризбата на победата, и тоа партиите го знаат.

Слични новости

Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми

Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми

Кампањата на Трамп не беше фокусирана дури ни кај традиционалните медиуми кои го поддржуваат како медиумите на Руперт Мардок. Очигледно е дека Трамп и неговите советници за кампања и медиуми подобро и повеќе знаеја која е Америка, што гледа и што слуша, откако нивната стратегија доби јасна верификација со изборниот резултат.

Силата на новата десница

Силата на новата десница

Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница.