Денеска во Скопје се одржа четвртата од серијата јавни дебати во процесот за измени на Законот за локална самоуправа. По јавните дебати одржани во Битола, Штип и Гостивар, со денешната се заокружува фазата на јавни консултации на кои досега учествуваа градоначалници од сите региони, други претставници од локалните самоуправи и невладиниот сектор, како и експерти од областа.
Голем интерес имаше и на денешната дебата во Скопје на која присуствуваа градоначалници на скопските Општини, на Општините од Скопски и Североисточен регион, претставници од општинските Совети, како и од невладиниот сектор и дел од експертската група вклучена во процесот на измените.

Министерот за локална самоуправа, кој ги иницираше законските измени, изрази јавна благодарност до сите учесници во дебатите кои со своите предлози, идеи и сугестии дадоа значителен придонес за успешноста на процесот кој треба да резултира со унапредување на системот на локалната самоуправа во нашата земја.
„Подготвени сме да преминеме во следната фаза, односно во креирање на предлог измените на Законот за локална самоуправа и веднаш потоа, истите да ги доставиме до парламентот на дополнителни консултации со сите парламентарни политички партии, за да влеземе во фазата на валидизација, односно на усвојување на предлог измените. Убеден сум дека преку еден ваков отворен, транспарентен и инклузивен начин ќе дојдеме до едно многу подобро законско решение од ова коешто сега го имаме“, изјави Перински
Тој очекува новото законско решение да биде изготвено до крајот на летото, и практично да биде применлив за избраните грaдоначалници на претстојните локални избори. Перински повтори дека главната иницијација за отворање на законот е можноста за референдумско отповикување на градоначалник, воведување на комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во рамки на носење на одлуки на локално ниво.
Проф. д-р Александар Спасеновски, кој е дел од експертската група вклучена во процесот на подготовка на законските измени, истакна дека важечкиот закон претставува важен системски закон, кој го положил тестот на времето.
„Главните измени и дополнувања се во насока на корекција на определени одредби, коишто се дел од актуелното законско решение, а кај коишто со текот на времето се појавиле одредени аномалии. Истовремено, детектираме и предвидуваме одредени норми кои не се дел од сегашното законско решение, а се покажало дека се потребни. Меѓу нив, и можноста за отповик на градоначалник, а во однос на комуналната полиција, со измените практично ќе создадеме база за во иднина законски да се регулира оваа материја“, посочи Спасеновски.
„Чест ми е што сум дел од експертската група која работи на измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа. Овој процес се води на инклузивен и транспарентен начин, со активно вклучување на сите релевантни чинители – академската заедница, експерти, претставници на локалните власти и граѓанското општество. Целта е да создадеме правна рамка која ќе овозможи поефикасно, подемократско и одговорно функционирање на локалната самоуправа, во согласност со најдобрите европски практики. Убеден сум дека со ваков пристап ќе дојдеме до решенија кои ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и ќе придонесат кон посилни и поавтономни општини“, изјави професорот Мемет Мемети.
Слични новости
Ниту еден чекор на Владата нема да биде во насока да се влоши состојбата во медиумскиот сектор
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше во вчерашната дебата на емисијата „360 степени“ на МРТ1, каде што главна тема беа Нацрт-измените на Законот за медиуми. Тој потсети дека нацртот бил објавен на системот ЕНЕР, дека имало различни коментари и дека актуелната верзија е некаква средна вредност што произлегла од нив.
Претреси на повеќе локации низ државата поради сомнителни набавки на нафтени деривати
На локации во Скопје и низ државата во тек е акција на Одделот за субивање на организиран криминал и корупција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
Собранието ја изгласа предлог-одлуката за објавување јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на МРТ
Собранието денеска во рамки на 38. седница ја изгласа предлог одлуката за објавување на јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот Совет на Македонската радио телевизија, како и таа за именување на член на Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен