Во деновите откако Луиџи Манџоне беше обвинет за убиство на извршниот директор на американското здравствено осигурување, илјадници луѓе донираат пари на интернет за негова правна одбрана и беа објавени пораки за поддршка, а некои дури и го слават злосторството.
Во Њујорк на ѕидовите се појавија плакати со лицата на разни директори со натписот „СЕ БАРА“. Интернет-страниците продаваат стока со ликот на Манџоне, вклучително и капи на кои пишува „Ловец на директори“ преку стрелачка цел. А некои корисници на социјалните мрежи се вљубија во неговата насмевка и стомачните мускули.
Манџионе е обвинет за убиството на извршниот директор на „UnitedHealthcare“, педесетгодишниот Брајан Томпсон, татко на две деца, на 4 декември пред хотел на Менхетен, што предизвика петдневна потрага по маскираниот вооружен напаѓач.
Многумина го осудија злосторството за кое е обвинет, но фотогеничното 26-годишно момче, образувано на универзитетот Ајви Лиџ, стана мешавина од народен херој, ѕвезда и интернет миленик во одредени кругови. Неговата поддршка навидум само порасна по неговото апсење во понеделникот.
Повеќето од пораките на платформата за собирање средства GiveSendGo ја одразуваат длабоката фрустрација на многу Американци од американскиот здравствен систем, во кој некои третмани и надоместоци може да се задржат од пациентите во зависност од тоа што покрива нивното осигурување, но и пошироко незадоволство од растечката нееднаквост во приходите и зголемување на платата на извршните директори.
„Да се ускратат (медицинските услуги засновани на) здравствено осигурување е убиство, но никој не е обвинет за тоа кривично дело“, напиша еден донатор, нарекувајќи го убиството „оправдано“.
Неколку други едноставно напишаа „Deny, Defend, Depose”, зборови наводно напишани на чаурите пронајдени на местото на убиството, за кои критичарите велат дека се однесуваат на тактиките на осигурителните компании да избегнат плаќање за лекување на осигурениците.
Повеќе од 31.000 долари беа собрани до средата, и тоа само на платформата GiveSendGo.
Манџионе е притворен во Пенсилванија под обвинение за нелегално поседување оружје и фалсификување документи, додека обвинителите во Њујорк бараат негова екстрадиција. Неговиот адвокат рече дека има намера да се изјасни за невин по обвиненијата во Пенсилванија.
Кај Манџионе е пронајдено огнено оружје и пригушувач што одговара на оружјето што се користело за пукање во Томпсон, како и облека и маска слична на онаа што ја носел убиецот, изјави Џесика Тиш од Њујоршката полиција.
Други докази пронајдени кај него вклучуваат рачно напишани документи кои го прикажуваат неговиот наводен криминал како легитимен одговор на она што тој го гледа како корпоративна алчност, објавија некои медиуми.
Американците плаќаат повеќе за здравствена заштита од жителите на која и да е друга земја, а податоците покажуваат дека во последните пет години трошењето на премиите за осигурување е зголемено, како и трошоците за фармацевтските производи и болничките услуги.
Според неговите пријатели и објавите на социјалните мрежи, Манџоне страдал од хронични болки во грбот што влијаеле на неговиот секојдневен живот, но не е јасно дали неговата лична здравствена состојба имала улога во пукањето.
Слични новости
Банкротот на „Northvolt“ во САД потенцијално носи загуба и на Германија
Банкротот на шведскиот производител на батерии „Northvolt“ во САД би можел скапо да ги чини и германската влада и сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн поради сомнителната отплата на заемите од државната развојна банка KfW
Чудата и контроверзии во реставрацијата на катедралата Нотр Дам
Реновирањето на париската катедрала Нотр Дам, кое траеше повеќе од пет години, беше обележано со некои речиси чудесни настани но и со контроверзии, a во прилог на свеченото отворање на катедралата во саботата, неколку клучни моменти ги бележи агенцијата AFP
Кои се милијардерите што ги назначи во новата администрација Доналд Трамп
Трамповиот милијардерски „дрим тим“ го предводи Илон Маск најбогатиот човек на свет, чиј имот е проценет на 336 милијарди долари. Првиот човек на „Тесла“ „Спејс Икс“ и платформата „Икс“ кој ќе го води новото одделение за владина ефикасност заедно со бизнисменот Вивек Рамасвами.