На Волстрит, индексот S&P 500 значително падна минатата седмица, како и индексот Nasdaq, како резултат на притисокот врз технолошкиот сектор, додека европските берзи пораснаа, иако Вашингтон се заканува со царини на увозот од Европската унија.
На Волстрит, индексот Dow Jones минатата седмица зајакна 0,9 отсто, на 43.840 поени, но S&P 500 се лизна за 1 отсто, на 5.954 поени, а индексот Nasdaq падна за 3,5 отсто, на 18.847 поени.
Индексите S&P 500 и Nasdaq се најдоа под притисок поради остриот пад на цената на акциите на „Nvidia“ откако најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција објави деловен извештај. Финансиските резултати на овој технолошки гигант беа во согласност со очекувањата, но се чини дека разочараа некои инвеститори кои се надеваа на уште подобри резултати.
„Заработката на компанијата е добра, но не толку импресивна како во претходниот период“, вели Скот Велч, директор во „Certuity“.

Технолошкиот сектор е под притисок од средината на јануари, кога големиот успех на евтиниот модел на вештачка интелигенција на кинеската стартап компанија „DeepSeek“ ја разниша тезата дека САД се водечки во развојот на вештачката интелигенција и го постави прашањето колку се оправдани огромните инвестиции на американските компании во развојот на вештачката интелигенција.
На најголемата светска берза минатата седмица негативно влијаеа серијата макроекономски податоци кои укажуваат на слабеење на американската економија.
„На стравот од инфлација му се придружи стравот од слабеење на економијата, па акциите се под притисок“, вели Мајкл Грин, стратег во „Simplify Asset Management“.
За неизвесноста придонесуваат и пораките на американскиот претседател Доналд Трамп за царините. Тој најави дека царините за увоз од Канада и Мексико, како и дополнителни 10 отсто царини за увоз од Кина, сепак ќе стапат на сила следната седмица.
Рече и дека наскоро би можел да воведе царини од 25 отсто за увозот од Европската унија, а бидејќи Европската комисија најави брз и решителен одговор, инвеститорите стравуваат од царинска војна, која може негативно да влијае на растот на целата светска економија.
А на повеќето европски берзи цените на акциите пораснаа минатата седмица. Лондонскиот FTSE индекс порасна за 1,7 отсто, на 8.809 поени, а франкфуртски DAX за 1,2 отсто, на 22.551 поени. Парискиот CAC, пак, падна за 0,5 отсто на 8.111 поени.
Индексот STOXX 600 на најважните европски акции незначително порасна десетта седмица по ред, достигнувајќи нови рекордни нивоа во текот на семица.
Ова главно се должи на подобрите од очекуваните деловни резултати на европските компании и надежите на инвеститорите за мировни преговори меѓу Русија и Украина. Затоа инвеститорите засега ги игнорираа заканите на Трамп за царини.

Слични новости
Поради страв од рецесија остар пад на Волстрит
На Волстрит берзанските индекси во понеделникот остро паднаа, продолжувајќи го негативниот тренд од минатата седмица, бидејќи инвеститорите се несигурни околу трговската политика на Вашингтон и стравуваат од рецесија
Цените на нафтата под 70 долари
Цените на нафтата паднаа под 70 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи најавеното зголемено снабдување од групаta големи производители ги надмина навестувањата од Вашингтон дека може да воведе санкции за иранскиот извоз
BioNTech ја заклучи 2024. со загуба
Германската биофармацевтска компанија „BioNTech“ во понеделникот објави дека ја завршила 2024 година со нето загуба и значително помал приход поради послабата побарувачка за нејзината вакцина против против ковид-19