Цените на златото во средата се задржаа на нивото близу 3.000 долари за унца, во услови на зголемено купување од страна на централните банки и загриженоста на инвеститорите за глобалниот економски раст по најавите за новите американски царини.

На физичкиот пазар унцата злато околу пладнето чинеше 2.943 долари, што е за 0,3 отсто повеќе од затворањето на вчерашното тргување. Накратко достигна ново највисоко ниво откако со златото првпат се тргува на берзата од 2.946 долари, деветти пат од почетокот на годината.

На американскиот пазар со златото во терминските договори (фјучерсите) се тргуваше по 0,4 отсто повисока цена, од 2.961 долар.

Според пресметките на здружението на рударски компании WGC, златото минатата година поскапело за повеќе од 28 отсто, поради силната побарувачка од централните банки и инвеститорите во период на зголемени геополитички тензии.

Централните банки продолжија да ги пополнуваат резервите во 2024 година, зголемувајќи го темпото на купување во октомври, а трендот ќе продолжи и во 2025 година, процени WGC во средината на декември.

Побарувачката за инвестиции беше поттикната од геополитичките ризици и остри флуктуации на голем број регионални финансиски пазари, објаснуваат тие, додавајќи дека инвеститорите продолжиле да купуваат во третиот квартал бидејќи централните банки почнале да ги намалуваат клучните каматни стапки.

На почетокот на оваа година, изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за царините предизвикаа нервоза. Во вторникот Трамп рече дека има намера да воведе царини за автомобили од околу 25 отсто и подготвува слични царини за увоз на полупроводници и фармацевтски производи.

Трговците стравуваат дека царините би можеле да го означат почетокот на трговска војна и да ѝ наштетат на глобалната економија.

„Порастот на цените на златото се чини дека е поттикнат од изјавите на претседателот Трамп за претстојното воведување тарифи за увезените автомобили и фармацевтски производи, што може да го отвори патот за негово поскапување до 3.000 долари“, вели Зеид Ванда, пазарен аналитичар во OANDA.

Откако повторно влезе во Белата куќа, Трамп веќе воведе царина од 10 отсто за увоз од Кина и 25 отсто за увоз на челик и алуминиум од земјите ширум светот.

„Верувам дека централните банки ќе продолжат да купуваат злато во догледна иднина и ќе ги диверзифицираат резервите со купување злато и со поддршка на неговиот раст на цените“, рече аналитичарот на UBS, Џовани Стауново.

Цените на среброто, кое се користи во електричните компоненти, исто така, се зголемија за 0,4 отсто, на 32,99 долари за унца. Платината, која се користи во автокатализатори, падна за 0,6 отсто на 981,56 долари, додека цената на паладиумот помалку или повеќе стагнираше на 987,75 долари.

globe

Слични новости

Европските индекси се во пад поради неизвесноста околу царините на Трамп

Европските индекси се во пад поради неизвесноста околу царините на Трамп

Извршниот директор на Голдман Сакс Дејвид Соломон изјави дека лидерите на големите корпорации сакаат економската политика на администрацијата на Трамп да биде појасна, бидејќи како што рече „во моментов нивото на неизвесност е голем“.

Волстрит благо порасна, инфлацијата благо се намали

Волстрит благо порасна, инфлацијата благо се намали

На Волстрит, индексот S&P 500 порасна во средата, по два дена пад, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од ублажувањето на инфлацијата во САД, но тргувањето останува претпазливо бидејќи Вашингтон води тарифна војна на повеќе фронтови