Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара средба со својот американски колега по должност Доналд Трамп за да се разјаснат најчувствителните прашања од идниот мировен договор со Русија, како што е контролата на територијата, по последната рунда американско-украински разговори.
Зеленски им изјави на новинарите во средата дека украинските и американските делегации се приближиле до финализирање на план од 20 точки на разговорите во Мајами за време на викендот, според соопштението од неговиот кабинет.
„Ова е документ наречен рамка, фундаментален документ за завршување на војната, политички документ меѓу нас, Америка, Европа и Русите“, рече Зеленски.
„Подготвени сме да се сретнеме со Соединетите држави на лидерско ниво за да се фокусираме на решавање на чувствителни прашања. Работи како територијалните прашања мора да се дискутираат на лидерско ниво“, додаде Зеленски.
Трамп долго време изјавува дека сака да го заврши најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, но досега не успеа да обезбеди големи отстапки од завојуваните страни.
Киев врши притисок врз Вашингтон да го измени мировниот план, кој, според нацрт-документот презентиран минатиот месец, ги одразува главните барања на Москва Украина да предаде дополнителна територија, да се откаже од членството во воени сојузи и да прифати ограничувања на своите вооружени сили. Украина вели дека ќе остане без заштита од идните напади од Русија, која ја нападна во 2014 година и повторно во 2022 година.
Зеленски рече дека најновиот предлог од 20 точки претставува значаен развој во споредба со планот од 28 точки претходно дискутиран од САД и Русија.
Според него, војската на Украина ќе ја задржи својата моментална сила од 800.000 војници, а земјата ќе добие солидни безбедносни гаранции преку дополнителни договори со САД и нивните европски сојузници.
„Ќе можеме да видиме силна Украина, поддржана од коалиција на оние што се волни, со механизам за следење на усогласеноста (со одредбите од мировниот договор) и со детали за тоа како да се одговори на секое потенцијално обновување на руската агресија“, рече Зеленски.
Украинските и американските претставници, исто така, соработуваа за да изготват неколку документи поврзани со повоената обнова и инвестиции, додаде украинскиот претседател.
Сепак, и покрај напредокот, Украина и САД сè уште не нашле заедничка основа за територијалните прашања.
Зеленски рече дека предлогот на Киев е да „останеме таму каде што сме“ или да ја замрзнеме моменталната ситуација на бојното поле.
Москва, чии сили напредуваат бавно, сака Киев да ги повлече своите трупи од целиот регион Доњецк на истокот од земјата, иако тие сè уште држат околу десет отсто од територијата на регионот.
Украинскиот претседател рече дека Вашингтон се обидува да најде компромис и сака да воспостави демилитаризирана зона или слободна економска зона на територијата.
Согласност за судбината на нуклеарната централа Запорожје, исто така, не е постигната, рече Зеленски. Најголемата нуклеарна централа во Европа се наоѓа на територија контролирана од Русија уште од првите денови на инвазијата кон крајот на февруари 2022 година во близина на линијата на фронтот.
Зеленски рече дека Киев предлага таму да се воспостави помала економска зона. Според првичниот предлог на САД, Запорожје по половина би произведувала енергија за Украина и за Русија, а со украинскиот удел од струјата кој се продава во Европа би управувал американски оператор.
Москва ќе го проучи новиот предлог од 20 точки, рече тој, а потоа ќе одлучи за следните чекори.
„Велиме: ако сите региони бидат вклучени и ако останеме таму каде што сме, тогаш ќе постигнеме договор. Но, ако не се согласиме да останеме таму каде што сме, имаме две опции: или војната ќе продолжи или ќе мора да се одлучи нешто во врска со сите потенцијални економски зони“, рече Зеленски.
Слични новости
Француските пратеници усвоија итен закон за привремен буџет
Француските пратеници во вторникот усвоија итен закон за привремен буџет за да се одржи непречено функционирање на земјата во јануари, сè додека длабоко поделениот парламент не го одобри целосниот буџет за 2026 година
Украинската армија се повлече од источниот град Сиверск
Украинските сили се повлекоа од источниот град Сиверск, објави украинската војска во вторник, додека руската војска продолжува со својата офанзива за да ги загрози клучните украински одбранбени градови на исток
Трамп планира да поништи илјадници барања за азил
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна национална кампања за поништување илјадници барања за азил, тврдејќи дека овие луѓе би можеле да бидат депортирани и во земји различни од нивната татковина,


