Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот изјави дека ги информирал челниците на Европската унија дека одлуката за финансирање на неговата земја треба да се донесе до крајот на годината, во спротивно ќе се најде во големи проблеми.

„Нашите партнери се информирани дека одлуката за финансирање треба да се донесе до крајот на годината“, рече Зеленски на прес-конференција откако ги информираше челниците ма земјите-членки на ЕУ собрани на самитот за ситуацијата во неговата земја.

Истакна дека ќе има голем проблем, дупка од 50 милијарди евра во буџетот за следната година, ако челнциите на ЕУ не постигнат договор за користење на замрзнатите руски средства за неповратен заем за Украина.

На маргините на самитот на ЕУ, Зеленски имаше и билатерална средба со белгискиот премиер Барт де Вевер, кој е најголемата пречка за таканаречениот „репаративен заем“.

Украинскиот претседател рече дека не е сигурен дали го убедил Де Вевер да се откаже од блокирањето на користењето на замрзнатите руски средства за заем за репарација. „Ќе видиме дали состанокот бил продуктивен. Имавме добар разговор, се разбираме“, рече Зеленски.

Зборувајќи за разговорите што се одржуваат во Берлин оваа седмица, Зеленски рече дека сè уште има чувствителни прашања што остануваат нерешени. Рече дека прашањето за Донбас не е решено, како и нуклеарната централа Запорожје.

Третото нерешено прашање се парите и сè зависи од ЕУ, рече Зеленски.

Исто така, кажа дека на Украина ѝ се потребни силни безбедносни гаранции, бидејќи без нив нема да има крај на војната, туку одредена пауза, по која Русија повторно ќе нападне.

Зеленски на прес-конференција рече дека сака да се обрати до американската јавност.

„САД се оние што донесуваат одлуки и навистина можат да го сопрат (рускиот претседател Владимир) Путин, и јас сметам на тоа, сметам на притисокот на Соединетите Американски Држави врз Русија“, рече украинскиот претседател.

Истакна дека сега САД посредуваат повеќе во преговорите и дека сака да извршат поголем притисок врз Русија.

globe