Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во четвртокот дека руската артилерија ја оштетила украинската енергетска инфраструктура во градот Херсон, два дена откако САД објавија дека двете страни се согласиле на прекин на огнот на енергетските капацитети.
Соединетите држави објавија посебни договори со Киев и Москва во вторникот за запирање на нападите врз енергетскиот сектор и во Црното Море, што е прв таков договор откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа во јануари.
„Сите докази ќе бидат подготвени и испратени во САД, а потоа ја чекаме нивната реакција бидејќи ни рекоа дека ќе одговорат на прекршувањето на договорот“, рече Зеленски по самитот со европските лидери во Париз.

Регионалниот гувернер на Херсон, Олександр Прокудин, рече дека продолжуваат напорите да се врати електричната енергија на потрошувачите кои останаа без неа по руското гранатирање.
Москва во средата го обвини Киев дека користел беспилотни летала за да ги нападне енергетските објекти во руските региони Курск и Брјанск и на анектираниот полуостров Крим.
Украинската војска ги отфрли овие обвинувања.
„Руската војска продолжува да произведува лажни вести и да упатува неосновани обвинувања против Украина со цел да ја продолжи војната“, објави војската на апликацијата Телеграм.
Русија, која започна целосна инвазија во февруари 2022 година и сега контролира околу 20 отсто од Украина, тврди дека го почитува прекинот на огнот во врска со енергетските напади од 18 март. Украина вели дека Русија нападнала осум украински енергетски објекти од тој датум.
Зеленски, исто така, во Париз рече дека верува оти ставот на администрацијата на Трамп кон Русија треба да биде поостар, додавајќи дека на Украина и е потребна помош од Вашингтон за да биде силна во преговорите.
Слични новости
Ле Пен ветува борба „до крај“ и покрај елиминирањето од претседателската трка
Марин Ле Пен во понеделникот беше прогласена за виновна за злоупотреба на средства до ЕУ наменети за нејзините помошници, кои според пресудата биле пренаменети во нејзината партија, и осудена на петгодишна забрана за вршење јавни должности
Близок соработник на Нетанјаху уапсени поради врски со Катар
Израелската полиција објави во понеделникот дека во рамките на истрагата за примање мито од Катар уапсени се две лица, од кои едното, како што потврди партијата Ликуд, е близок партиски соработник на премиерот Бенјамин Нетанјаху
Телата на палестински болничари извлечени од плитка гробница во песокот на Газа
Телата на осумте болничари од Црвената полумесечина и уште неколку палестински спасувачи, кои се најдоа под израелски оган пред повеќе од една седмица, се извлечени од гробница во песокот во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија во понеделник официјални лица на Обединетите нации