Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека евентуалното распоредување на странски „мировни сили“ во Украина би можело да се разговара на утрешниот состанок на европските челници во Брисел.
На состанокот на кој ќе се разговара за воената поддршка за Украина, речиси три години по почетокот на руската инвазија, меѓу другите, според изворите, ќе бидат присутни челниците на Германија, Франција, Полска и НАТО.
Украинскиот лидер јавно ја изнесе идејата за распоредување странски трупи додека Украина не се приклучи на НАТО за време на состанокот со германски политичар на 9 декември.
Оваа можност првпат беше спомната од францускиот претседател Емануел Макрон во февруари, но беше остро критикувана и отфрлена од европските сојузници, кои тогаш воопшто не постигнаа консензус за ова прашање за кое се смета дека може да ги вовлече западните земји во директна воена конфронтација со Русија.
Одговарајќи на новинарско прашање за можноста да се разговара на оваа тема во среда во Брисел, Зеленски рече дека „секој што е таму има право да го покрене ова или она прашање“.
„Може да има прашања не само за (странскиот) контингент, туку и прашања што ќе ги постави Украина“, рече тој на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск во Лавов.
Зеленски рече дека итното воено зајакнување на Украина ќе биде главната точка на разговорот. Тој ги спомна ракетите со долг дострел за напади длабоко на руска територија, западните инвестиции во украинското производство на оружје, како и безбедносните гаранции.
Средбата се одржува во клучен момент кога Украина ги повикува своите сојузници да ја зајакнат и на бојното поле и дипломатски пред какви и да се потенцијални мировни разговори со Русија.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа во јануари, постојано повикуваше на примирје и рече дека Зеленски треба да се подготви за договор за ставање крај на војната.
Туск повтори дека Полска не размислува за испраќање војници, но рече дека неговата земја ќе направи сѐ што е во нејзина моќ членството на Украина во НАТО да стане реалност.
„Сите ние мора да се фокусираме на обезбедување дека какви било преговори за прекин на огнот не се водат од позиција на моќ на руска страна, што значи дека Украина може да смета на целосната поддршка од сите земји вклучени во помагањето на Украина“, рече Туск.
Слични новости
Бундестагот му изгласа недоверна на германскиот канцелар Шолц
Германскиот парламент во понеделникот ѝ изгласа недоверба на малцинската влада на канцеларот Олаф Шолц, отворајќи го патот за предвремени избори на 23 февруари по распадот на неговата централно-левичарска коалиција минатиот месец.
ЕУ испраќа дипломат во Дамаск за да воспостави контакт со новите власти во Сирија
Калас изјави дека на денешниот состанок на министерите за надворешни работи на ЕУ ќе се разговара за Сирија, но нема да се дискутира за проширување на финансиската поддршка на таа земја.
Украинците тврдат дека најмалку 30 севернокорејски војници загинале или се ранети кај Курск
Најмалку 30 севернокорејски војници се загинати или ранети во курската област во Русија, тврди укранската разузнавачка агенција.