Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот изјави дека изборите во неговата земја не можат да се одржат без прекин на огнот, откако претходно изјави дека секој компромис во мировните преговори со Русија ќе мора да биде потврден на гласачките места.
„Мора да има прекин на огнот – барем за времетраењето на изборниот процес и гласањето. За ова треба да се разговара. Искрено, тука во Украина веруваме дека Америка треба да разговара за ова со руската страна“, рече Зеленски за време на конференциската врска на „Коалицијата на волните“.
Со амандманите на украинскиот устав пред две години се наведува дека при прогласена воена состојба не се спроведуваат изборни циклуси, но Зеленски е под зголемен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп да ги одржи. Рускиот претседател Владимир Путин долго време го нарекува Зеленски „нелегитимен“ преговарачки партнер затоа што не се кандидираше за повторни избори и предупреди дека секоја нова влада во Киев би можела да не го прифати евентуалниот мировен договор склучен од Зеленски и парламентот кои немаат легимитет добиен на избори.
Украинскиот претседател, чиј мандат заврши минатата година, како и на парламентот, во вторникот изјави дека е подготвен за сопроведување избори ако американските и европските партнери гарантираат безбедност за време на нивното одржување и дека тие би можеле да се одржат во следните 60 до 90 дена.
Зеленски им рече на новинарите претходно во четвртокот дека секој компромис со Русија за контрола на нејзините источни региони мора да биде „фер“, но исто така да биде потврден на „избори“ или „референдум“.
„Верувам дека украинскиот народ ќе одговори на тоа прашање. Без разлика дали е преку избори или референдум, тоа мора да биде став што доаѓа од украинскиот народ“, изјави Зеленски пред новинарите кога беше прашан за постигнување договор со Москва.
Челниците на „Коалицијата на волни“, група наречена така затоа што се подготвени да ја гарантираат безбедноста на Украина по прекинот на огнот со испраќање трупи во земјата, разговараа за користењето на запленетите руски средства за време на виртуелен состанок во четвртокот, соопшти канцеларијата на британскиот премиер Кир Стармер.
Видеоконференцијата доаѓа ден откако лидерите на Велика Британија, Франција и Германија разговараа со американскиот претседател за најновите напори на САД за постигнување мировен договор во Украина.
Киев минатиот месец го отфрли американскиот план што предвидува големи отстапки за Москва. Зеленски претходно во четврток изјави дека Вашингтон сега предлага да се повлече од областите што сè уште ги контролира Украина во регионот Доњецк и да создаде „слободна економска“ и демилитаризирана зона без присуство на руски сили. Зеленски рече дека американската страна сè уште „не знае“ кој би управувал со таква зона.
Додаде дека Вашингтон предлага повлекување на руските трупи од регионите Суми, Харков и Дњепропетровск во Украина, но и нивно задржување во регионите Херсон и Запорожје.
Белата куќа во четвртокот објави дека Трамп ќе испрати свој претставник во Европа на разговори за Украина доколку има можност за потпишување мировен договор.
„Претседателот е исклучително фрустриран од двете страни во оваа војна и е уморен од состаноци само заради состаноци“, изјави неговата портпаролка Каролајн Ливит.
Слични новости
Гркот Пиеракакис нов шеф на eврогрупата
Министрите за финансии од 20-те земји од еврозоната го избраа грчкиот министер за финансии Киријакос Пиеракакис за нов претседател на еврогрупата во четвртокот
Зеленски: Секој компромис со Русија мора да биде потврден на изборите
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот нагласи дека секој компромис меѓу Украина и Русија за контрола на нејзините источни региони мора да биде „фер“ и потврден на „избори“ или „референдум“
Лавров: Разрешени недоразбирањата со САД околу Украина
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави во четвртокот дека сите „недоразбирања“ со САД околу Украина се решени по состанокот меѓу претседателот Владимир Путин и американскиот претставник Стив Виткоф претходно овој месец


