Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да одржи избори во рок од 60 до 90 дена, дури и додека војната со Русија продолжува, ако САД и Европа можат да ја гарантираат безбедноста на таквото гласање, објави во вторникот украинската новинска агенција Интерфакс-Украина.

„Јас лично сум спремен и подготвен за тоа“, им рече Зеленски на новинарите.

Тој рече дека ќе бидат потребни и измени во изборниот закон на Украина и побара од претставниците од неговата партија да ги подготват потребните амандмани.

Воената состојба во Украина забранува претседателски, парламентарни и локални избори. Иако самиот закон може да се промени, уставот дозволува парламентарни избори само откако ќе се укине воената состојба. Уставните амандмани се забранети во воено време, иако беа наложени во одредени случаи.

Украина не одржа избори од руската инвазија во февруари 2022 година. Редовниот мандат на Зеленски истече во мај 2024 година, додека мандатот на парламентот заврши во август 2024 година. Локалните избори требаше да се одржат кон крајот на октомври 2025 година.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна изрази поддршка за одржување избори во земјата разурната од војна. Порано оваа година, тој го обвини Зеленски дека е „диктатор“ и дека му недостасува демократски легитимитет.

Москва истовремено предупредува дека секоја идна власта во Киев може да го оспори легимитетот на Зеленски и на сегашниот состав на Радата (парламентот) при потпишување мировен договор.

Сепак, Киев инсистира дека овластувањата на претседателот остануваат легитимни во вонредна состојба и забележува дека Украина имала шест различни претседатели од 1991 година, во споредба со само двајца во Русија во истиот период.

Актуелната власт во Киев и нејзините западноевропски поддржувачи, исто така, се загрижени дека може да победи проруската струја поддржана од мнозинското руско и рускојазично население, и дека наводно Русија би можела да се обиде да манипулира со секое гласање и да инсталира марионетска влада пријателски настроена кон Кремљ, како шти беше и онаа на Виктор Јанукович и сега забранетата Партија на регионите соборени во март 2014 година со насилниот преврат поддржан од Западот.

Друго нерешено прашање е како да се обезбеди учество на сите украински гласачи со право на глас. Според Обединетите нации, повеќе од 5,8 милиони луѓе избегале во странство, од кои најголемиот дел се во Русија а милиони живеат на територии одметната во 2014 година кои Русија сега ги контролира.

globe

Слични новости