Претседателот Володимир Зеленски во понеделникот се заложи за дипломатско решение за војната во Украина и предложи распоредување на странски трупи во земјата додека таа не се приклучи на НАТО.
Изјавите на украинскиот претседател на заедничката прес-конференција со германскиот опозициски лидер Фридрих Мерц сугерираат на зголемена отвореност на Киев за преговори додека Доналд Трамп се подготвува да се врати во Белата куќа на 20 јануари, оценува Reuters.
Новоизбраниот американски претседател повика на итен прекин на огнот и разговори за ставање крај на „лудилото“ во неделата по средбата со Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.

„Украина сака крај на оваа војна повеќе од кој и да е друг. Без сомнение, дипломатско решение би спасило повеќе животи. Ние се стремиме кон тоа“, им рече Зеленски на новинарите во Киев во понеделникот.
Зеленски рече дека разговарал за „замрзнување“ на линиите на фронтот на средбата со Макрон и Трамп. Русија контролира речиси една петтина од територијата на Украина од започнувањето на инвазијата во 2022 година, што го предизвика најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Зеленски рече дека им рекол на двајцата челници дека не верува оти Путин всушност сака да ја заврши војната и дека рускиот претседател „ќе мора да биде принуден на тоа“.
„Можете да примените сила само доколку Украина е силна. Силна Украина пред каква и да е дипломатија значи силна (Украина) на бојното поле“, рече Зеленски, имплицирајќи дека на Киев му е потребна дополнителна воена помош.
Зеленски се наврати и на идејата на Макрон од февруари, според која европските земји ќе испраќаат војници во Украина. За ова немаше консензус меѓу европските државници.
„Можеме да размислиме и да работиме на гледиштето на Емануел. Тој предложи дел од војниците на една земја да бидат присутни на територијата на Украина, што ќе ја гарантира нашата безбедност додека Украина не биде во НАТО“, рече Зеленски.
„Но, треба да знаеме кога Украина ќе биде во Европската унија и кога Украина во НАТО“, додаде тој.
„Ако паузата е додека Украина не е во НАТО, па дури и да имавме покана но не би биле во НАТО и би имало пауза, тогаш кој ни гарантира каква и да е безбедност?“, рече Зеленски на прес-конференцијата.
Слични новости
Марк Карни е новиот лидер на либералите и канадски премиер
Поранешниот гувернер на канадската централна банка, Марк Карни, победи во трката за нов челник на владејачката Либерална партија и ќе го замени Џастин Трудо на функцијата премиер
Спор околу Starlink, Рубио ѝ порача на Полска да биде благодарна
Американскиот државен секретар Марко Рубио во неделата го обвини полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски дека „измислува работи“ и рече дека е неблагодарен, откако Сикорски рече дека Украина можеби ќе треба да бара алтернатива за сателитската услуга Starlinк
Албанија: Се очекува дијаспората да има влијание на изборите на 11. мај
Во Албанија се очекува дијаспората да има големо влијание на резултатите на парламентарните избори на 11. мај, доколку правото на глас го остварат сите оние на кои им е прифатено барањето