Во понеделникот, ден по разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и словачкиот премиер Роберт Фицо, во Кремљ изјавија дека ситуацијата со европските земји кои го купуваат рускиот гас преку договорите за транзит преку Украина е многу сложена и оти бара поголемо внимание.

Украина најави дека нема да го обнови петгодишниот договор за транзит на руски гас во Европа, кој истекува на крајот на годината, бидејќи на овој начин „не сака да им помогне на руските воени цели“.

Гасоводот низ Украина сочинува околу половина од вкупниот моментален извоз на руски гас во Европа. Словачка, Италија, Австрија и Чешка би биле најпогодени од раскинувањето на договорот за транзит. Русија, исто така, до централните европски земји извезува гас и преку гасоводот Турски тек.

 

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот рече дека не може да даде повеќе детали за неделните разговори меѓу Путин и Фицо, кои исто така се осврнаа на билатералните односи и војната во Украина.

Фицо во неделата рече дека Путин ја потврдил подготвеноста на Русија да продолжи да испорачува гас за Словачка, иако словачкиот лидер рече дека тоа е „практично невозможно“ по истекот на договорот за транзит на гас меѓу Русија и Украина. Не е јасно за кое потенцијално решение разговарале двајцата лидери.

И Унгарија сака да ја задржи украинската рута, иако ќе продолжи да увезува руски гас од јужниот правец, преку гасоводот Турски тек.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата седмица изјави дека е можно обновување на договорот за транзит, но само под услов на Русија да не ѝ се плаќа гас додека не заврши војната, услов што Москва разбирливо најверојатно нема да го прифати.

„Ја слушнавте изјавата на украинската страна и ги знаете ставовите на оние европски земји кои продолжуваат да купуваат руски гас и тоа го сметаат за неопходно за нормално функционирање на нивните економии. Оттаму, ова е многу комплицирана ситуација која бара повеќе внимание“, рече Песков.

Путин минатата седмица изјави дека е јасно дека нема да има нов договор со Киев за испоаки на рускиот гас преку Украина во Европа.

globe

Слични новости

Јужна Кореја предупредува дека Северот ќе испрати нови војници и беспилотни летала во Русија

Јужна Кореја предупредува дека Северот ќе испрати нови војници и беспилотни летала во Русија

Војската на Јужна Кореја во понеделникот соопшти дека „открила знаци“ дека Северна Кореја се подготвува да испрати повеќе војници и оружје, вклучително и самоубиствени дронови, во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина

Трамп e за задржување на TikTok на американскиот пазар „на некое време“

Трамп e за задржување на TikTok на американскиот пазар „на некое време“

Новоизбраниот претседател на Соединетите држави, Доналд Трамп, во неделата изјави дека се залага TikTok да продолжи да работи во земјата барем некое време, тврдејќи дека добил милијарди прегледи на оваа социјална платформа за време на претседателската кампања