Основното јавно обвинителство Кочани ја заврши истражната постапка во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ со која се опфатени вкупно 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, информираат од Јавното обвинителство.

Во следниот период, како што се наведува во соопштението, течат законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Од Обвинителството информираат дека во истражната постапка постапувале вкупно 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово кои презеле голем број дејствија со кои обезбедиле докази со цел утврдување на фактичката состојба.

„По наредба на јавните обвинители, полициски службеници и истражители од истражните центри на обвинителството, на лице место на трагичниот настан и на повеќе други локации, прибраа материјални докази и документација кои беа предмет на вештачење. Обезбедени се детални обдукциски вештачења за причините за смрт на секој од починатите, како и за видот и карактерот на повредите кај повредените лица. Изготвени се градежно и хемиско вештачење со кои се испитаа околностите во самиот објект, безбедносните стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот. Во однос на определен дел од документацијата за клубот се вршеше и графолошко вештачење. Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените. Од бројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) се вршеше извлекување и анализа на податоци кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки по насока на јавен обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција“, соопштија од Обвинителството.

Доказите кои се прибрани во текот на оваа истражна постапка, а се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим ќе ги достави на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција каде Специјализираното одделение до овој момент спроведува истрага против 14 полициски службеници. Овој дел од истрагата ќе продолжи и во следниот период со цел целосно испитување на сите факти и околности, додаваат од Обвинителството.

„Јавнообвинителската одлука за секој од осомничените поединечно ќе биде донесена врз основа на целокупниот доказен материјал. Дополнително, доколку од анализата на овие или други докази се утврдат елементи на кривично дело и кај други лица, кои до овој момент не се опфатени со истражната постапка, обвинителството ќе постапува согласно своите надлежности“, се наведува во соопштението.

globe

Слични новости

Обвинителство отворило предмет и постапува во врска со деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти во Општина Чаир

Обвинителство отворило предмет и постапува во врска со деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти во Општина Чаир

Обвинителство отворило предмет и постапува во врска со деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти во Општина Чаир, за која постои сомнеж дека е фалсификувана.