Русија во средата соопшти дека нејзините сили напредуваат на север во Покровск, обидувајќи се да преземат целосна контрола врз тешко утврдениот град на работ од одметната проруска област Доњецк на истокот на Украина, а украинската војска изјави дека нејзините војници се борат жестоко за да ги спречат Русите да освојат нова територија во клучниот логистички јазол за одбраната на Украина, пишува Reuters.

Украина призна дека нејзините војници се во тешка ситуација во стратешкиот источен град, некогаш клучен транспортен и логистички центар за украинската војска, кој Русија се обидува со повремени офанзиви да го освои речиси од една година. Русија го гледа градот како прозорец за освојување на преостанатите 10 отсто, или 5.000 квадратни километри од источниот индустриски регион Донбас – една од главните цели во речиси четиригодишната војна, но чиј пад же отвори и простор за напредување на руските сили кон западот или југот на Украина.

Руското Министерство за одбрана објави дека две борбени групации ги уништуваат украинските војници кои се опкружени во неколку градски области и дека продолжуваат со својата офанзива кон север. Руските сили ги расчистуваат украинските војници од населбата во југоисточниот дел на Покровское и ги одбиваат украинските обиди да се пробијат од опкружувањето.

Украинската армија негираше дека нејзините војници се опкружени во Покровск. Таа изјави дека се обидуваат да ги спречат руските војници да се утврдат и во исто време да обезбедат и заштитат логистичките патишта во пошироката област.

„Се преземаат мерки за блокирање на непријателот кој се обидува да навлезе и да се здобие со упориште во градот Покровск… Се преземаат активни контрамерки против обидите на непријателските пешадиски групи да се закопаат“, соопшти украинскиот Генералштаб.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека областа околу Покровск останува под силен притисок, но дека до 300 руски војници кои сè уште се во градот не постигнале никаков напредок во изминатиот ден, додека само 60 останале во друг град, Купјанск, исто така, клучен тешко утврдуван изминатите десет години град.

Руското Министерство за одбрана во средата одговори дека Зеленски „или нема поим што се случува или намерно се обидува да ја прикрие тешката ситуација на украинските сили“. Се вели дека украинските војници се заробени во „котли“ на обете места и дека нивната ситуација брзо се влошува додека руските сили напредуваат, „оставајќи ги украинските војници без друга опција за бегство освен доброволно предавање“.

Агенцијата Reuters наведува дека не можела независно да ги потврди тврдењата на ниту едната страна поради ограничен пристап до фронтовската линија.

Москва вели дека освојувањето на Покровск ќе им овозможи на нејзините сили да напредуваат на север кон двата најголеми украински градови под контрола на Киев во регионот Доњецк – Краматорск и Славјанск. Ова би бил најзначајната поединечна територијална добивка на Русија во Украина откако го освои утврдениот град Бахмут (Авдијевка) на почетокот на 2024 година.

За разлика од фронталните напади што ги користеше во другите градови, Русија користеше поинаква тактика во Покровск и Купјанск, речиси опкружувајќи ги украинските сили, додека мали мобилни единици и беспилотни летала ја нарушуваат логистиката и внесуваат хаос зад украинските линии. Руските тактики во овие области создадоа, како што велат руските воени блогери, „сива зона“ – област со нејасна контрола што е исклучително тешка за одбрана за Украина.

Јавно достапните мапи на бојното поле покажуваат дека руските сили се само на неколку километри од целосно опкружување на Покровск, кој Русија го нарекува Красноармејск, и дека тие контролираат значаен дел од Купјанск додека напредуваат кон главниот пат на градот.

Покровск, патен и железнички центар во регионот Доњецк во источна Украина, имал население од околу 60.000 жители пред војната. Повеќето сега избегале, сите деца се евакуирани, а само неколку цивили остануваат во градот меѓу уништените згради и кратерите на патиштата. Руското министерство за одбрана изминатите денови објави снимка за која се тврди дека украинските бориц во Покровск со дронови убиваат цивили кои со бели знамиња се обидуваат да се евакуираат од Покровск.

Со преземањето на Покровск, покрај обидот да го преземе целиот Донбас, Русија, исто така, постепено напредува во регионите Харков и Дњепропетровск, подалеку западно од бојното поле. Руската војска тврди дека сега контролира повеќе од 19 отсто од територијата на Украина, или околу 116.000 квадратни километри. Украинските мапи, исто така, покажуваат руска контрола врз приближно 19 отсто од земјата, што е зголемување од околу еден отсто во однос на пред две години, пишува Reuters.

globe

Слични новости

САД престанаа да ја означуваат Русија како „диркента закана“, Кремљ е задоволен

САД престанаа да ја означуваат Русија како „диркента закана“, Кремљ е задоволен

Кремљ го поздрави потегот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја ревидира својата стратегија за национална безбедност и да престане да ја нарекува Русија „директна закана“, изјави во неделата портпаролот Дмитриј Песков