Со одлука за спроведување на Европската комисија, Европската Унија го одобри второто ослободување на средства за Република Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Со оваа одлука се одобрува вкупен нето износ од 16 милиони евра, како комбинирана поддршка: дел неповратни средства и дел заем. Од овој износ, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, додека остатокот е наменет за финансирање на инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Вкупниот износ е утврден по одземањето на средствата кои се користат за порамнување на претфинасирањето, односно на авансно исплатените средства во рамките на инструментот.
Одлуката, која претставува признание за реформите што Владата ги спроведе во насока на усогласување со стандардите на Унијата, следува по позитивната оценка на Европската комисија за барањето доставено од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како национален координатор за Инструментот за реформи и раст. Комисијата утврди дека Македонија ги исполнува предусловите и општите услови за ослободување на средствата, кои се однесуваат на демократското владеење, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии.
Со оценката на Европската комисија се опфатени чекорите од Реформската агенда 2024-2027 со рок на реализација до јуни 2025 година. Од вкупно 16 чекори, Република Македонија пријави како исполнети девет, врз основа на процената направени од надлежните институции. Европската комисија, во рамките на сопствената техничка проценка, оцени дека четири од овие чекори се задоволително исполнети: три од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина кој се однесува на инспекциските надзори. Реализираните активности се однесуваат на усвојување на нов закон за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со европската Директива за сајбер-безбедност (NIS2), на нов закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се воведува европскиот дигитален идентитет, како и на закон за архивски материјал со кој се воспоставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација. Дополнително, Комисијата потврди значителен напредок во борбата против неформалната економија преку зголемен број инспекции од страна на трудовата и пазарната инспекција.
За чекорите кои не се целосно реализирани, Европската комисија утврди продолжен рок (грејс период) за нивна имплементација до јуни 2026 година.
Слични новости
На ГП Дојран и Табановце се чека од 30 до 40 минути, магла на Попова Шапка и Пресека
На граничниот премин „Дојран”, утринава за излез од земјава се чека 30 минути, а на Табановце времето на чекање на излез од земјава е 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира Авто мото сојузот на Македонија
Роднините на загинатите во „Пулс“: Дали судницата е за рецитирање или за вистината?
Родителите и блиските на загинатите во трагедијата во кочанската дискотека„Пулс“ денеска повторно излегоа на протестен марш во Кочани
Мицкоски: Не добив само реизбор, денес победи идејата за патот што го трасираме за Македонија
Не добив само реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку денеска победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача уште поголема, истакна Христијан Мицкоски откако попладнево на партискиот конгрес што се одржува во Кавадарци беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ


