Европската комисија воведува контрамерки откако во средата стапија на сила американските царини за увоз на челик и алуминиум од Европската унија.

„Комисијата жали за одлуката на САД да воведат царини, сметајќи ги за неоправдани, нарушувачки за трансатлантската трговија и штетни за бизнисите и потрошувачите, што често доведува до повисоки цени“, соопшти Комисијата.

Комисијата ќе ги активира постоечките контрамерки против Соединетите држави кои беа суспендирани во 2018 и 2020 година од 1. април. Овие мерки се насочени кон низа американски производи како што се мотоцикли, бурбонот и чамци и се одговор на економската штета вредна 8 милијарди евра предизвикана од извозот на челик и алуминиум од ЕУ.

Како одговор на новите американски царини кои влијаат на повеќе од 18 милијарди евра од извозот на ЕУ, Комисијата објави и пакет нови контрамерки за американскиот извоз, кои ќе стапат на сила во средината на април, по консултациите со земјите-членки и засегнатите страни.

Вкупно, контрамерките што би можеле да се применат за американскиот извоз на стоки достигнуваат вредност од 26 милијарди, што одговара на економскиот опсег на американските царини.

„Контрамерките што ги преземаме денеска се силни, но пропорционални. Со оглед на тоа што САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра. Ова одговара на економскиот опсег на американските царини“, рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Додаде дека ЕУ останува отворена за преговори.

„Цврсто веруваме дека во свет исполнет со геополитички и економски несигурности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме нашите економии со царини. Подготвени сме да се вклучиме во значаен дијалог“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека го задолжила комесарот за трговија Марош Шефчович да продолжи со разговорите со американската страна.

Во јуни 2018 година, првата американска администрација под претседателот Трамп наметна царини за европскиот извоз на челик и алуминиум во вредност од 6,4 милијарди евра, по што во јануари 2020 година следеа дополнителни царини кои влијаеа на околу 40 милиони евра во извозот на одредени производи од челик и алуминиум.

Како одговор, во јуни 2018 година, ЕУ наметна свои противмерки за американскиот извоз во ЕУ во вредност од 2,8 милијарди евра, а сличен одговор следеше по новите царини во 2020 година.

Останатите контрамерки, кои влијаат на извозот во вредност до 3,6 милијарди евра, требаше да стапат во сила на 1 јуни 2021 година.

Сепак, по разговорите со американската страна за воведување квоти за царини за извозниците од ЕУ, ЕУ ги суспендираше овие мерки до 31 март 2025 година за да им даде простор на страните да најдат подолгорочно решение.

globe

Слични новости

Лондон е разочаран од американските царини, но не планира контрамерки

Лондон е разочаран од американските царини, но не планира контрамерки

Обединетото Кралство нема намера веднаш да воведе контрамерки против Соединетите држави откако во средата стапија на сила царините од 25 отсто за американскиот увоз на челик и алуминиум од целиот свет, како што вети американскиот претседател Доналд Трамп, објави во средата британската влада