Откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека неговата администрација наскоро ќе објави царини од 25 отсто за увоз на производи од Европската унија, Европската комисија најави дека ќе реагира „одлучно и навремено“ против „неоправданите пречки“ за слободната и фер трговија.

„ЕУ ќе реагира решително и веднаш против неоправданите пречки за слободната и фер трговија, вклучително и кога тарифите се користат за да се оспорат законите и недискриминаторните политики“, рече портпаролот на Комисијата како одговор на барањето за коментар за забелешките на Трамп.

Нагласува дека ЕУ секогаш ќе ги штити европските компании, работници и потрошувачи од неоправдани царини.

Запрашан на состанокот на американската влада дали одлучил за царинска стапка за стоки од Европската унија, Трамп одговори дека донеле одлука и дека ќе ја објават многу брзо, а таа ќе биде 25 отсто, генерално кажано, за автомобили и за се останато.

Тој, исто така, изјави дека ЕУ е основана „за да ги измами САД“.

Како одговор, портпаролот на Комисијата рече дека Европската унија е „најголемиот слободен пазар во светот и дека тоа е благодет за Соединетите држави“.

Портпаролот нагласи дека со создавањето голем и интегриран единствен пазар „ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за американските извозници и ги усогласи стандардите и регулативите во 27 земји“.

„Како резултат на тоа, американските инвестиции во Европа се високо профитабилни“, додаде портпаролот.

„Европа се залага за дијалог, отвореност и реципроцитет. Подготвени сме за партнерство доколку играте според правилата. Но, ние исто така ќе ги заштитиме нашите потрошувачи и бизниси на секој чекор. Тие не очекуваат ништо помалку од нас“, заклучи портпаролот на ЕК.

globe

Слични новости