Европската комисија предлага отворањето на преговарачките кластери и други меѓучекори во пристапните преговори да се одобруваат со квалификувано мнозинство, што би ја намалило можноста една членка сама да го блокира напредувањето на земја кандидат.

Ако биде прифатен, предлогот би можел да и го олесни европскиот пат и на Македонија, која со години се соочува со пречки поврзани со билатерални спорови.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос го претстави пакетот „Подготовка за поширока Унија” на прес-конференција во Стразбур, во вторникот, на 6 октомври, по неговото усвојување од Европската комисија.

Пакетот ги опфаќа предложените промени во одлучувањето за пристапните преговори, постепената интеграција на кандидатите и подготовката на институциите, политиките и буџетот на ЕУ за идните проширувања.

За Македонија, најзначајна е можноста одлуките во опфатените фази на преговорите да се носат без согласност од секоја членка поединечно. Тоа би го ограничило просторот за поединечни блокади, но напредувањето и натаму би зависело од исполнувањето на условите и од обезбедувањето на потребното мнозинство.

Предлогот за поинакво гласање не ја отстранува обврската Македонија да ги спроведе договорените уставни измени. Во заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, одржувањето на следната меѓувладина конференција е врзано за исполнувањето на таа обврска, која го опфаќа и внесувањето на Бугарите во Уставот.

 

Слични новости

Три години војна во Газа

Три години војна во Газа

Пред три години почна војната во Газа, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел. Епилогот е што околу два милиони жители на Газа се и натаму раселени, а многумина живеат во шатори меѓу урнатините.

Порастот на цената на енергентите на светските пазари ќе се рефлектира врз цената на парното во Македонија

Порастот на цената на енергентите на светските пазари ќе се рефлектира врз цената на парното во Македонија

Кога во јули се пресметувала новата цена на парното, природниот гас бил калкулиран по околу 40 евра за мегават-час. Денес берзанските цени се движат над 70 евра, а во одредени периоди достигнувале и околу 80 евра.