Европската комисија предлага отворањето на преговарачките кластери и други меѓучекори во пристапните преговори да се одобруваат со квалификувано мнозинство, што би ја намалило можноста една членка сама да го блокира напредувањето на земја кандидат.
Ако биде прифатен, предлогот би можел да и го олесни европскиот пат и на Македонија, која со години се соочува со пречки поврзани со билатерални спорови.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос го претстави пакетот „Подготовка за поширока Унија” на прес-конференција во Стразбур, во вторникот, на 6 октомври, по неговото усвојување од Европската комисија.
Пакетот ги опфаќа предложените промени во одлучувањето за пристапните преговори, постепената интеграција на кандидатите и подготовката на институциите, политиките и буџетот на ЕУ за идните проширувања.
За Македонија, најзначајна е можноста одлуките во опфатените фази на преговорите да се носат без согласност од секоја членка поединечно. Тоа би го ограничило просторот за поединечни блокади, но напредувањето и натаму би зависело од исполнувањето на условите и од обезбедувањето на потребното мнозинство.
Предлогот за поинакво гласање не ја отстранува обврската Македонија да ги спроведе договорените уставни измени. Во заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, одржувањето на следната меѓувладина конференција е врзано за исполнувањето на таа обврска, која го опфаќа и внесувањето на Бугарите во Уставот.
Слични новости
Ново рочиште за „Државна лотарија“
Продолжува судењето за случајот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор Перпарим Бајрами и уште шест лица.
Продолжува судењето за трагедијата во Кочани
Во судницата во „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со изведување на докази од одбраната.
Виш обвинител од Битола осомничен за примање поткуп
Во текот на вчерашниот ден, врз основа на судска наредба, беа извршени претреси во домот на осомничениот и во просториите на ВЈО Битола со цел обезбедување дополнителни докази.


