Европската комисија предлага отворањето на преговарачките кластери и други меѓучекори во пристапните преговори да се одобруваат со квалификувано мнозинство, што би ја намалило можноста една членка сама да го блокира напредувањето на земја кандидат.
Ако биде прифатен, предлогот би можел да и го олесни европскиот пат и на Македонија, која со години се соочува со пречки поврзани со билатерални спорови.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос го претстави пакетот „Подготовка за поширока Унија” на прес-конференција во Стразбур, во вторникот, на 6 октомври, по неговото усвојување од Европската комисија.
Пакетот ги опфаќа предложените промени во одлучувањето за пристапните преговори, постепената интеграција на кандидатите и подготовката на институциите, политиките и буџетот на ЕУ за идните проширувања.
За Македонија, најзначајна е можноста одлуките во опфатените фази на преговорите да се носат без согласност од секоја членка поединечно. Тоа би го ограничило просторот за поединечни блокади, но напредувањето и натаму би зависело од исполнувањето на условите и од обезбедувањето на потребното мнозинство.
Предлогот за поинакво гласање не ја отстранува обврската Македонија да ги спроведе договорените уставни измени. Во заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, одржувањето на следната меѓувладина конференција е врзано за исполнувањето на таа обврска, која го опфаќа и внесувањето на Бугарите во Уставот.
Слични новости
Македонија одбележува 35 години независност
На 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија на историскиот референдум со убедливо „за“ ја потврдија волјата за суверена и самостојна држава. Референдумското изјаснување претставуваше пресвртница со која започна процесот на создавање независна македонска држава
Земјотрес почувствуван утрово во Охрид и околината
Земјотрес со Рихтерова локална магнитуда, ML 3.9. е регистриран утрово во 5 часот и 40 минути во епицентралното подрачје Охрид-Струга, на околу 135 км југозападно од Скопје.
Канада одговори на царините на Трамп: Нови такси на 700 американски производи
Канада денеска им воведе царини на САД кои се однесуваат на увоз на американски стоки во вредност од околу 20 милијарди долари, соопшти канадското министерство за финансии.


