Европската комисија предлага отворањето на преговарачките кластери и други меѓучекори во пристапните преговори да се одобруваат со квалификувано мнозинство, што би ја намалило можноста една членка сама да го блокира напредувањето на земја кандидат.

Ако биде прифатен, предлогот би можел да и го олесни европскиот пат и на Македонија, која со години се соочува со пречки поврзани со билатерални спорови.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос го претстави пакетот „Подготовка за поширока Унија” на прес-конференција во Стразбур, во вторникот, на 6 октомври, по неговото усвојување од Европската комисија.

Пакетот ги опфаќа предложените промени во одлучувањето за пристапните преговори, постепената интеграција на кандидатите и подготовката на институциите, политиките и буџетот на ЕУ за идните проширувања.

За Македонија, најзначајна е можноста одлуките во опфатените фази на преговорите да се носат без согласност од секоја членка поединечно. Тоа би го ограничило просторот за поединечни блокади, но напредувањето и натаму би зависело од исполнувањето на условите и од обезбедувањето на потребното мнозинство.

Предлогот за поинакво гласање не ја отстранува обврската Македонија да ги спроведе договорените уставни измени. Во заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, одржувањето на следната меѓувладина конференција е врзано за исполнувањето на таа обврска, која го опфаќа и внесувањето на Бугарите во Уставот.

 

Слични новости

Во понеделник нова вонредна дератизација во Центар

Во понеделник нова вонредна дератизација во Центар

Општина Центар во понеделник повторно ќе спроведе вонредна дератизација на повеќе локации во општината, откако зголемено присуство на глодари било забележано и покрај тоа што претходната акција била спроведена пред само еден месец.

Филипче: Граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат рудници во близина на своите домови

Филипче: Граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат рудници во близина на своите домови

Филипче рече дека граѓаните мора да имаат право директно да одлучат дали во нивната непосредна околина ќе има рудници, особено во услови кога веќе постојат сериозни проблеми со квалитетот и безбедноста на водата

Марта Кос за БНТ: Владата во Северна Македонија мора да го одржи своето ветување, тие мора да го променат својот устав

Марта Кос за БНТ: Владата во Северна Македонија мора да го одржи своето ветување, тие мора да го променат својот устав

Македонија треба да ги направи уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, како услов за продолжување на евроинтегративниот процес, ова го изјави Еврокомесраката за проширување Марта Кос во интервју за бугарскиот БНТ .