Европската комисија во средата претстави одбранбен пакет вреден стотици милијарди евра кој треба да одговори на итните потреби на Украина и на долгорочната потреба за зајакнување на безбедноста и одбраната на земјите од Европската унија.

Комисијата претстави таканаречена бела книга за европска одбрана – „Подготвеност 2030“, во која се предлагаат решенија за пополнување на критичните празнини во воените капацитети и за изградба на силна воена индустриска база.

Комисијата, исто така, презентираше, како дел од планот „ReArm Europe/Readiness 2030“, одбранбен пакет кој треба да ослободи 800 милијарди евра за инвестиции во одбраната во следните четири години.

„Овој одбранбен пакет, кој се состои од белата книга за европска одбрана и планот ReArm Europe/Readiness 2030 (за ревооружување на Европа/ Подготвеност 2030 година), означува решавачки момент за нашата Унија. Европа повеќе не може да си дозволи да биде набљудувач на сопствената безбедност и ние мора да ја земеме нашата одбрана во свои раце, да ги зајакнеме нашите заложби за колективна безбедност и цврсто да застанеме против оние кои се обидуваат да го поткопаат нашиот суверенитет“, изјави еврокомесарот за одбрана Анриус Кубилиус.

Планот предвидува зголемување на трошоците за одбрана за 1,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на земјите-членки на годишно ниво. За таа цел, Комисијата ги повикува земјите-членки да ја активираат националната клаузула за отстапување од Пактот за стабилност и раст, што ќе им овозможи дополнителен буџетски простор за зголемување на трошоците за одбраната, во рамките на фискалните правила на ЕУ. Овие отстапувања ќе бидат ограничени само на зголемување на трошоците за одбрана.

Дел од планот е и нов наменски „безбедносен акционен инструмент за Европа“ – SAFE. Инструментот SAFE предвидува сума од 150 милијарди евра за коишто Комисијата би се задолжила на финансиските пазари и потоа би доделила поволни заеми на земјите-членки за заеднички одбранбени проекти.

SAFE би требало да им овозможи на земјите-членки веднаш и масовно да ги зголемат своите одбранбени инвестиции преку заеднички набавки од европската одбранбена индустрија.

Овие инвестиции треба да бидат првенствено насочени кон зајакнување на воените капацитети, а заедничките набавки би придонеле за зголемување на интероперабилноста, предвидливоста и намалувањето на трошоците и зајакнување на европската одбранбена индустриска база. Украина, државите членки на EFTA и Европскиот економски простор би можеле да учествуваат во заедничките набавки.

Инвестициите би биле можни во проекти со двојна употреба, и цивилна и воена, но само доколку примарна цел е воената употреба.

Бидејќи јавните инвестиции сами посебе нема да бидат доволни за да се задоволат инвестициските потреби, Комисијата се обидува да осигура дека ќе биде вклучен и приватниот капитал. За таа цел, Комисијата предлага формирање на Унија за штедење и инвестиции, која би помогнала да се мобилизираат приватните заштеди за инвестиции во одбраната.

Европската инвестициска банка (EIB) би требало да игра голема улога во вооружувањето, а треба да почне и да инвестира во чисто воени проекти. Според сегашните правила, EIB може да инвестира само во проекти со двојна намена, а тоа треба да се промени во иднина.

globe

Слични новости

Бела куќа: Украинците одредуваат кој управува со Украина

Бела куќа: Украинците одредуваат кој управува со Украина

Управувањето со Украина е определено од нејзиниот устав и народот на земјата, рече портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, на прашањето за неговата реакција на рускиот претседател Владимир Путин во изјавата на рускиот претседател

Маск најави завршување на планираните кратења на федералните трошоци за неколку седмици

Маск најави завршување на планираните кратења на федералните трошоци за неколку седмици

Технолошкиот милијардер Илон Маск, кој беше ангажиран од американскиот претседател Доналд Трамп за да ја намали државната администрација, изјави во четвртокот дека најголемиот дел од работата за намалување на сојузната потрошувачка за трилион долари ќе биде завршена до крајот на неговиот мандат, односно за 64 дена

Путин сугерира можност за ставање на Украина под привремена управа

Рускиот претседател Владимир Путин сугерираше дека Украина може да биде ставена под некоја форма на привремена администрација за да се овозможи одржување на нови избори во земјата и потпишување на клучни договори со цел да се постигне решение