Европската комисија во средата претстави одбранбен пакет вреден стотици милијарди евра кој треба да одговори на итните потреби на Украина и на долгорочната потреба за зајакнување на безбедноста и одбраната на земјите од Европската унија.
Комисијата претстави таканаречена бела книга за европска одбрана – „Подготвеност 2030“, во која се предлагаат решенија за пополнување на критичните празнини во воените капацитети и за изградба на силна воена индустриска база.
Комисијата, исто така, презентираше, како дел од планот „ReArm Europe/Readiness 2030“, одбранбен пакет кој треба да ослободи 800 милијарди евра за инвестиции во одбраната во следните четири години.

„Овој одбранбен пакет, кој се состои од белата книга за европска одбрана и планот ReArm Europe/Readiness 2030 (за ревооружување на Европа/ Подготвеност 2030 година), означува решавачки момент за нашата Унија. Европа повеќе не може да си дозволи да биде набљудувач на сопствената безбедност и ние мора да ја земеме нашата одбрана во свои раце, да ги зајакнеме нашите заложби за колективна безбедност и цврсто да застанеме против оние кои се обидуваат да го поткопаат нашиот суверенитет“, изјави еврокомесарот за одбрана Анриус Кубилиус.
Планот предвидува зголемување на трошоците за одбрана за 1,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на земјите-членки на годишно ниво. За таа цел, Комисијата ги повикува земјите-членки да ја активираат националната клаузула за отстапување од Пактот за стабилност и раст, што ќе им овозможи дополнителен буџетски простор за зголемување на трошоците за одбраната, во рамките на фискалните правила на ЕУ. Овие отстапувања ќе бидат ограничени само на зголемување на трошоците за одбрана.
Дел од планот е и нов наменски „безбедносен акционен инструмент за Европа“ – SAFE. Инструментот SAFE предвидува сума од 150 милијарди евра за коишто Комисијата би се задолжила на финансиските пазари и потоа би доделила поволни заеми на земјите-членки за заеднички одбранбени проекти.
SAFE би требало да им овозможи на земјите-членки веднаш и масовно да ги зголемат своите одбранбени инвестиции преку заеднички набавки од европската одбранбена индустрија.
Овие инвестиции треба да бидат првенствено насочени кон зајакнување на воените капацитети, а заедничките набавки би придонеле за зголемување на интероперабилноста, предвидливоста и намалувањето на трошоците и зајакнување на европската одбранбена индустриска база. Украина, државите членки на EFTA и Европскиот економски простор би можеле да учествуваат во заедничките набавки.
Инвестициите би биле можни во проекти со двојна употреба, и цивилна и воена, но само доколку примарна цел е воената употреба.
Бидејќи јавните инвестиции сами посебе нема да бидат доволни за да се задоволат инвестициските потреби, Комисијата се обидува да осигура дека ќе биде вклучен и приватниот капитал. За таа цел, Комисијата предлага формирање на Унија за штедење и инвестиции, која би помогнала да се мобилизираат приватните заштеди за инвестиции во одбраната.
Европската инвестициска банка (EIB) би требало да игра голема улога во вооружувањето, а треба да почне и да инвестира во чисто воени проекти. Според сегашните правила, EIB може да инвестира само во проекти со двојна намена, а тоа треба да се промени во иднина.
Слични новости
Бела куќа: Трамп ќе ѝ помогне на Украина да добие систем за противвоздушна одбрана
Соединетите држави ќе ѝ помогнат на Украина да добие систем за противвоздушна одбрана, изјави во средата портпаролката на Белата куќа, неколку часа по телефонскиот разговор меѓу американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски
Трамп по телфонскиот разговор со Зеленски: „На добар пат сме“
Русија и Украина се обвинија меѓусебно во средата за прекршување на договорот за прекин на нападите врз енергетска инфраструктура, неколку часа откако на тоа се согласија рускиот и американскиот претседател кој исто така разговараа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата и извести за одреден напредок
Во новите израелски воени напади убиени 20 луѓе во Газа
Израелската војска уби најмалку 20 Палестинци во воздушните напади во Газа во средата, соопштија медицинските лица, и продолжила со бомбардирањето, издавајќи наредби на жителите да се евакуираат од борбените зони