Поделени се ставовите околу воведувањето четиридневна работна седмица во земјава. Бизнисот смета дека не сме подготвени поради сѐ уште ниското ниво на продуктивност, а синдикатите остануваат на барањето да се скрати бројот на работни часови. Според психологот Мирјана Јовановска Стојановска, четиридневна недела ќе биде удар врз економијата, особено во посиромашните, недоволно развиени земји, но треба да се воведе заради благосостојба на работниците и за одржување на нивното ментално и физичко здравје.
„Сѐ уште е рано за вакви чекори зашто има други приоритетни реформи што мора да се направат во следниот временски период. За да воведете четиридневна работна недела, мора ефикасноста да ја доведете на врвно ниво за да го прескокнете петтиот ден без притоа да имате какви било последици во остварувањето на резултатите. Со ваква ниска продуктивност како во Македонија, со воведувањето четиридневна работна недела ќе се случи катастрофа“, вели за МИА претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) се децидни, скратената работна недела е можност, а не само желба на работниците. Потсетуваат дека во текот на преговорите за новиот Закон за работните односи, се залагале и за воведување 35-часовна работна недела.
„Во некои земји од Европа и светот, веќе се спроведени анализи и истражувања што покажале дека пократката работна недела многу подобро се одразува врз мотивираноста и продуктивноста на работниците, а со самото тоа и врз добивката на работодавците. Нашиот став е дека како земја аспирант за членство во ЕУ треба да се залагаме за намалување на работната недела на седум работни часа дневно или на четири работни дена во неделата, а не да се враќаме назад во историјата и да воведуваме експлоатација на работниците и работа во просек по 12 часа“, истакнуваат од ССМ.
ССМ се повикува и на експертите кои укажуваат дека работниците треба да се ангажираат со реално работно време во рамки на кое ќе можат да ги извршуваат своите работни задачи без последици и влошување на нивното здравје и без ризици од повреди или губење човечки животи.
„Изразуваме загриженост дека со зголемување на бројот работни часови и денови во неделата ќе се зголеми ризикот од несреќи, повреди и смртни случаи на работа, како и дека ќе се загрози апликацијата на Македонија за влез во ЕУ, бидејќи предлозите се во спротивност со директивите за работно време на ЕУ. Продуктивноста на работниците е поврзана со условите за работа, примена на современи средства за работа, техники и технологии, здрави и безбедни работни услови, соодветна плата, почитување на принципите на пристојна работа, право на одмор и грижа за семејството. Само така работниците можат да бидат посветени на работата и лојални на работодавачите. Во спротивно, сведоци сме на се помасовен одлив на работна сила од земјата“, нагласуваат од ССМ.
Предочуваат и дека примената на електронските комуникации и можности, дигитализацијата и новите техники и технологии во производните процеси резултира со постигнување поголема ефикасност во работењето, а истовремено создава и реална основа за намалување на работната седмица на 35-часовно работно време.
„Потребни се законски измени, усогласување на работно – правното законодавство со европското и светските трудови стандарди, а сето тоа може да се обезбеди со подобрување на социјалниот дијалог, промовирање на синдикалното организирање и активно вклучување на синдикатите во креирање на националните стратегии и политики за економски и општествен развој“, подвлекуваат од ССМ.
Идејата за четиричасовна работна недела се приближува кон човековите права заштитени со меѓународни акти
Психологот Јовановска Стојановска вели дека најголемиот дел од работоспособните години во животот луѓето ги посветуваат на работа. Малку време им останува за семејниот живот, за воспитување и сакање на децата, за грижа за сопственото ментално и физичко здравје.
„Четиридневната работна седмица ќе биде голем удар врз економијата, особено во посиромашните, недоволно развиени земји, но на луѓето ќе им донесе големи можности за уживање во сопствените животи. Ако веќе имаме толку општо познати акти за човекови права би требало и да ги почитуваме. Но, секогаш, за жал, политичките и економските интереси победуваат врз интересите на луѓето. Како психолог препорачувам да се воведе четиричасовна недела за благосостојба на работниците, за одржување на нивното ментално и физичко здравје и за здравјето на нивите семејства“, нагласува Јовановска Стојановска.
Слични новости
Владата на седница ќе ја потврди Одлуката за покривање на трошоците на двајца членови од семејствата на пациентите кои ќе се транспортираат во странство
За час и половина Владата ќе одржи седница на која ќе биде потврдена Одлуката за покривање на трошоците на двајца членови од семејствата на пациентите кои ќе бидат згрижени во болници надвор од државава, ифнормира денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на ГОБ „8 Септември“
Осумте пациенти кои од Македонија вчера пристигнаа во Србија се во критична состојба
Oсумте пациенти кои вчера пристигнаа во Србија имаат изгореници на респираторниот тракт и се во животна опасност, а троцја од нив се интубирани“, изјави денеска Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при Клиничкиот центар на Србија.
89 од повредените во трагедијата во Кочани се лекуваат во Македонија, а 76 се транспортирани во странство
Состојбата на повредените во дискотеката засега е релативно стабилна, но сеуште е рано да се даваат прогнози, затоа што кај повреди со изгореници можни се натамошни компликации со инфекции.