Поделени се ставовите околу воведувањето четиридневна работна седмица во земјава. Бизнисот смета дека не сме подготвени поради сѐ уште ниското ниво на продуктивност, а синдикатите остануваат на барањето да се скрати бројот на работни часови. Според психологот Мирјана Јовановска Стојановска, четиридневна недела ќе биде удар врз економијата, особено во посиромашните, недоволно развиени земји, но треба да се воведе заради благосостојба на работниците и за одржување на нивното ментално и физичко здравје.

„Сѐ уште е рано за вакви чекори зашто има други приоритетни реформи што мора да се направат во следниот временски период. За да воведете четиридневна работна недела, мора ефикасноста да ја доведете на врвно ниво за да го прескокнете петтиот ден без притоа да имате какви било последици во остварувањето на резултатите. Со ваква ниска продуктивност како во Македонија, со воведувањето четиридневна работна недела ќе се случи катастрофа“, вели за МИА претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) се децидни, скратената работна недела е можност, а не само желба на работниците. Потсетуваат дека во текот на преговорите за новиот Закон за работните односи, се залагале и за воведување 35-часовна работна недела.

„Во некои земји од Европа и светот, веќе се спроведени анализи и истражувања што покажале дека пократката работна недела многу подобро се одразува врз мотивираноста и продуктивноста на работниците, а со самото тоа и врз добивката на работодавците. Нашиот став е дека како земја аспирант за членство во ЕУ треба да се залагаме за намалување на работната недела на седум работни часа дневно или на четири работни дена во неделата, а не да се враќаме назад во историјата и да воведуваме експлоатација на работниците и работа во просек по 12 часа“, истакнуваат од ССМ.

ССМ се повикува и на експертите кои укажуваат дека работниците треба да се ангажираат со реално работно време во рамки на кое ќе можат да ги извршуваат своите работни задачи без последици и влошување на нивното здравје и без ризици од повреди или губење човечки животи.

„Изразуваме загриженост дека со зголемување на бројот работни часови и денови во неделата ќе се зголеми ризикот од несреќи, повреди и смртни случаи на работа, како и дека ќе се загрози апликацијата на Македонија за влез во ЕУ, бидејќи предлозите се во спротивност со директивите за работно време на ЕУ. Продуктивноста на работниците е поврзана со условите за работа, примена на современи средства за работа, техники и технологии, здрави и безбедни работни услови, соодветна плата, почитување на принципите на пристојна работа, право на одмор и грижа за семејството. Само така работниците можат да бидат посветени на работата и лојални на работодавачите. Во спротивно, сведоци сме на се помасовен одлив на работна сила од земјата“, нагласуваат од ССМ.

Предочуваат и дека примената на електронските комуникации и можности, дигитализацијата и новите техники и технологии во производните процеси резултира со постигнување поголема ефикасност во работењето, а истовремено создава и реална основа за намалување на работната седмица на 35-часовно работно време.

„Потребни се законски измени, усогласување на работно – правното законодавство со европското и светските трудови стандарди, а сето тоа може да се обезбеди со подобрување на социјалниот дијалог, промовирање на синдикалното организирање и активно вклучување на синдикатите во креирање на националните стратегии и политики за економски и општествен развој“, подвлекуваат од ССМ.

Идејата за четиричасовна работна недела се приближува кон човековите права заштитени со меѓународни акти

Психологот Јовановска Стојановска вели дека најголемиот дел од работоспособните години во животот луѓето ги посветуваат на работа. Малку време им останува за семејниот живот, за воспитување и сакање на децата, за грижа за сопственото ментално и физичко здравје.

„Четиридневната работна седмица ќе биде голем удар врз економијата, особено во посиромашните, недоволно развиени земји, но на луѓето ќе им донесе големи можности за уживање во сопствените животи. Ако веќе имаме толку општо познати акти за човекови права би требало и да ги почитуваме. Но, секогаш, за жал, политичките и економските интереси победуваат врз интересите на луѓето. Како психолог препорачувам да се воведе четиричасовна недела за благосостојба на работниците, за одржување на нивното ментално и физичко здравје и за здравјето на нивите семејства“, нагласува Јовановска Стојановска.

globe

Слични новости

Охрид ќе добие 3,5 милиони денари за проект за затворање на нестандардната депонија „Буково“

Охрид ќе добие 3,5 милиони денари за проект за затворање на нестандардната депонија „Буково“

Станува збор за средства обезбедени преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, што се реализира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со финансиска поддршка на Амбасадата на Шведска, Бирото за регионален развој и во партнерство со Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Агелер: Внимателно ги следиме процедурите во Собранието во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет

Агелер: Внимателно ги следиме процедурите во Собранието во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет

Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, посочи денеска амбасадорката на САД, Анџела Агелер

Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност, активно придонесуваме во дискусиите и носењето одлуки

Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност, активно придонесуваме во дискусиите и носењето одлуки

Ние не сме повеќе објект во геополитичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања. Моментално го имаме најголемиот буџет во Министерството за одбрана во овие децении