Ограничувањето на долгорочното глобално затоплување на два степени Целзиусови, што е алтернативна цел на Парискиот договор за климата, во меѓувреме стана невозможно, сметаат водечки експерти за климата.

Авторите на студијата, предводени од познатиот климатолог Џејмс Хансен, заклучија дека климата на Земјата е почувствителна на зголемување на емисиите на стакленички гасови отколку што се мислеше, а беше објавено во списанието „Environment: Science and Policy for Sustainable Development“.

Амбициозното сценарио за климатски промени на Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени (IPCC), кое ѝ дава 50 отсто шанси на планетата да го ограничи затоплувањето на под два Целзиусови степени до 2100 година, „веќе не е возможно“, рече Хансен на брифингот со новинарите.

Хансен е поранешен истакнат научник на американска NASA, познат по тоа што во 1988 година на американскиот Конгрес му кажа дека се случува глобалното затоплување.

„Целта од два степени е мртва“, нагласи тој.

Хансен и неговите колеги тврдат дека количeството стакленички гасови кои веќе се ослободуваат во атмосферата со согорувањето на фосилните горива значи дека е загарантирано поголемо загравање.

Температурите во наредните години ќе бидат 1,5 степени Целзиусови или повеќе над прединдустриските нивоа, што ќе биде поразително за коралните гребени и ќе предизвика посилни бури, а до 2045 година тие ќе се зголемат за околу два Целзиусови степени.

Научниците проценуваат дека топењето на поларниот мраз и приливот на слатката вода во Северниот Атлантик ќе предизвика главната океанска струја AMOC (Atlantic Meridional Overturning Circulation) да престане во рок од 20 до 30 години.

Точка од која нема враќање

Струите носат топлина на различни делови на планетата, како и хранливи материи важни за животот во океанот.

Неговото нарушување „ќе предизвика големи проблеми, вклучително и покачување на нивото на морето за неколку метри, така што го опишуваме колапсот на AMOC како точка од која нема враќање“, се наведува во студијата.

Во Парискиот климатски договор од 2015 година, земјите се согласија да се стремат да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа до крајот на векот.

Научниците заклучија дека овој праг е критичен за спречување на нарушување на големите океански струи, брзото топење на вечниот мраз на север и колапсот на тропските корални гребени.

Целта од 1,5 степени Целзиусови веќе е надмината во последните две години, покажуваат податоците на Коперник, европскиот систем за следење на климата, иако Парискиот договор зборува за долгорочен тренд со децении.

Мрачен извештај

Глобалното затоплување од два степени Целзиусови би имало уште поголеми последици, вклучително и неповратно губење на ледени плочи, планински глечери и снег, морски мраз и вечен мраз.

Авторите признаа дека резултатите од истражувањето изгледаат мрачно, но тврдат дека е потребна искреност за промена.

„Нема да им помогнеме на младите ако не сме реални во проценките за климата и ако не укажеме на неефикасноста на сегашните политики за ограничување на глобалното затоплување“, предупредија тие.

„Денес, со растечките кризи, вклучително и глобалните климатски промени, дојдовме до точка каде што мораме да го решиме проблемот со сопствените интереси“, додаваат тие, нагласувајќи дека сепак се „оптимисти“ за иднината.

globe

Слични новости

Германија: Се наѕира тешко формирање влада по изборите

Германија: Се наѕира тешко формирање влада по изборите

Непосредно пред предвремените парламентарни избори во недела, анкетите сè уште покажуваат дека Христијанско-демократската унија CDU/CSU и нејзиниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц се во водство, но резултатите покажуваат дека формирањето влада може да биде долго и напорно

Финишира изборната кампања во Германија

Финишира изборната кампања во Германија

Веројатната победа на Христијанско-демократската унија (CDU), која ја претставува демохристијанската опција на федерално ниво, и баварската Христијанско-социјална унија (CSU), сепак, ќе биде само првиот чекор во формирањето стабилна влада

Минхенската безбедносна конференција влегува во последниот ден

Минхенската безбедносна конференција влегува во последниот ден

Минхенската безбедносна конференција го започнува својот трет и последен ден во неделата, со дискусија доминирана од насоката на новата американска администрација во украинската војна и споровите околу европското учество во мировните преговори