Европските лидери повикаа на зголемување на трошоците за одбраната на итниот состанок во понеделникот во Париз, но останаа поделени околу испраќањето воени единици како мировници во Украина за поддршка на спроведувањето на можниот мировен договор.
Состанокот го свика францускиот претседател Емануел Макрон, откако американскиот претседател Доналд Трамп се согласи на билатерални мировни преговори со Русија за ставање крај на војната во Украина, без европските сојузници и Киев, кои треба да започнат во вторник во Саудиска Арабија.
Европските лидери се најдоа затекнати од потезите на администрација на Трамп за Украина, Русија и европската одбрана и мора да се соочат со реалноста на иднината со помала американска заштита. Тие сфатија дека ќе треба да направат повеќе за безбедносните гаранции на Украина, пишува Reuters.

Британскиот премиер Кир Стармер, кој пред состанокот во Париз изјави дека е подготвен да испрати британски војници во мировна мисија во Украина, во понеделникот вечерта изјави дека „е неопходна американска безбедносна гаранција за европските земји да испратат свои војници во Украина“. Тој, исто така, рече дека е „премногу рано да се каже“ колку британски војници би можел да бидат испратени во таква мисија во Украина.
Мировните сили би ги зголемиле шансите за директен конфликт со Русија, а исто така би биле товар за европските војски, чии резерви на оружје се исцрпени со вооружувањето на Украина и деценискиот релативен мир. Прашање е и како некои европски земји би платиле за тоа, пишува Reuters.
Заложбата на Стармер за мировните сили предизвика поделби меѓу учесниците на состанокот во Париз, забележува агенцијата во својот извештај.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека не може да има мировен договор со Русија без согласност на Украина. Тој, исто така, нагласи дека без мировен договор не може да се зборува за германска мировна мисија во Украина. Шолц притоа посочи дека европските буџетски правила не треба да го блокираат зголемувањето на трошоците за одбрана над два отсто од БДП.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, се спротивстави на испраќање мировници во Украина, според извори од нејзиниот кабинет.
„Корисно беше да се разговара за различни хипотези денеска. Онаа што предвидува испраќање европски војници во Украина ми се чини најсложена и можеби најмалку ефикасна, и во тој поглед ги изразив сомнежите на Италија“, рекла Мелони, според извор на Reuters.
Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека е отворена за разговори за испраќање војници и дека Европа мора да ја зголеми поддршката за Украина и трошоците за сопствената одбрана.
„Русија сега, за жал, ѝ се заканува на цела Европа“, рече Фредерискен.

Слични новости
ЕУ: „Безусловното повлекување“ на Русија од Украина услов за укинување или измена на санкциите
Повлекувањето на сите руски сили од Украина ќе биде еден од главните услови за укинување или измена на санкциите на Европската унија, изјави во средата портпаролот на Европската комисија
Украина ја обвини Русија за напад врз црноморскиот град Миколаив
Русија изврши напад со беспилотно летало врз украинското пристаниште Миколаив на Црното Море во текот на ноќта и го погоди рударскиот град Криви Рих во најголемиот напад со беспилотни летала во средата
Осумнаесет загинати во еден од најтешките пожари во Јужна Кореја
Осумнаесет лица загинаа во серија шумски пожари, меѓу најголемите во историјата на Јужна Кореја, кои предизвикаа „невидена штета“ и ги надминаа сите прогнозирани модели, изјави во средата привремениот претседател Хан Дак-Су