Цените на акциите благо пораснаа на европските берзи во четвртокот претпладнето, втор ден по ред, бидејќи инвеститорите очекуваат Европската централна банка (ECB) да ги намали каматните стапки на својата редовна седница.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот пресек од тргувањето порасна за 0,2 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,08 отсто, на 8.308 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,20 отсто, на 20.440 поени, а париски CAC за 0,38 отсто, на 7.450 поени.
Во фокусот на инвеститорите ќе биде средбата на лидерите на Европската централна банка, а повеќето аналитичари очекуваат намалување на клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, а некои и за 0,50 поени. Дополнително, ECB ќе објавува квартални макроекономски прогнози за инфлацијата и економскиот раст.
Денеска седница ќе одржат и челниците на швајцарската централна банка, а се очекува и намалување на каматните стапки.
Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции порасна за 0,8 отсто во истиот временски пресек како и во Европа. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 1,2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг пораснаа меѓу 0,8 и 1,6 отсто. Во Австралија, пак, паднаа за 0,3 отсто.
Така, азиските берзански индекси го следат вчерашниот раст на Волстрит, каде индексот S&P 500 достигна ново рекордно ниво, како и Nasdaq. Тоа најмногу се должи на растот на цените на акциите на технолошките гиганти. Од т.н „Седумте величествени“ компании, цените на акциите на четири од нив вчера достигнаа рекордни нивоа – „Alphabet“, „Tesla“, „Meta Platforms“ и „Amazon“.
Во фокусот на инвеститорите беше и извештајот за потрошувачките цени во САД, кој покажа дека инфлацијата во ноември очекувано пораснала на 2,7 отсто на годишна основа, додека еден месец претходно била 2,6 отсто. Иако инфлацијата сѐ уште се движи далеку над целното ниво на американската централна банка од 2 отсто, пазарот очекува Fed да ги намали каматните стапки по трет пат оваа година, за дополнителни 0,25 процентни поени, на дводневниот состанок од 17. до 18. декември.
Слични новости
Продажбата на нови автомобили во ЕУ во ноември падна за два отсто
Продажбата на нови автомобили во Европската унија е намалена за околу два отсто во ноември, покажаа податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) во четвртокот
Европските берзи драстично паѓаат по пораките на Fed
Европските акции остро паднаа во четвртокот претпладнето, како и Волстрит претходниот ден, бидејќи американската централна банка соопшти дека планира да го забави темпото на олабавување на монетарната политика
Доларот зајакна, цената на нафтата падна
На валутните пазари во четвртокот во претпладневното тргување вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути силно порасна по пораките на американската централна банка и се приближи до највисокото ниво во последните две години