Европската комисија во средата ја претстави стратегијата за подготвеност на Европската унија за природни катастрофи, кибернетички напади, геополитички кризи и ги повика граѓаните да се обезбедат со неопходните проукти за најмалку три дена.

Клучните цели на стратегијата вклучуваат подготвеност да се обезбеди функционирање на основните услуги како што се болниците, училиштата, транспортот, телекомуникациите и обезбедувањето критична опрема и материјали, како и природните ресурси како што е водата, во случај на такви кризи.

Граѓаните треба да имаат подготвено залихи од основните работи за да преживеат три дена, што е веќе вообичаена практика во некои скандинавски земји. Тука спаѓаат вода, храна, лекови, батериски ламби, кибрит и слично.

 „Новата реалност бара ново ниво на подготвеност во Европа. Нашите граѓани, земји-членки и нашите бизниси треба да ги имаат соодветните алатки за да се спречат кризи и да реагираат брзо кога ќе се случат катастрофи“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Комисијата наведува дека ЕУ во моментов се соочува со „сè покомплексни кризи и предизвици кои не можат да се игнорираат, од растечки геополитички тензии и конфликти, хибридни и сајбер закани, манипулации со странски информации, до климатски промени и сè почести природни катастрофи. Затоа, Европската унија мора да биде подготвена да ги заштити своите граѓани и клучните општествени функции кои се од суштинско значење за демократијата и секојдневниот живот“.

 

Стратегијата вклучува 30 клучни акции и детален акционен план за зголемување на подготвеноста.

Основа за стратегијата за подготвеност беше извештајот подготвен за Комисијата од поранешниот фински претседател Саули Ниинисто, објавен во ноември минатата 2024 година, за тоа како да се подобри цивилната и одбранбената подготвеност и подготвеност на ЕУ.

Заклучокот од тој извештај беше дека „постои итна потреба да се зголеми цивилната и воената подготвеност за соочување со денешните растечки безбедносни предизвици – во здравството, миграцијата, технолошката безбедност, климата, одбраната или економијата“.

Стратегијата препорачува воведување лекции за подготвеност во училишните програми и воспоставување Ден на подготвеност во ЕУ за да се подигне свеста за важноста на ова прашање.

Се препорачува и формирање на кризен центар на ЕУ за да се подобри интеграцијата меѓу постоечките кризни механизми на ЕУ.

Комисијата, исто така, предлага поголема соработка меѓу војската и цивилната заштита, како и редовни вежби за подготвеност низ ЕУ, со вклучување на вооружените сили, цивилната заштита, полицијата, безбедносните агенции, здравствените работници и пожарникарите.

globe

Слични новости

Бројот на загинати во зејотресот во Мјанмар порасна на над 1.000

Бројот на загинати во зејотресот во Мјанмар порасна на над 1.000

Бројот на загинати во зејотресот со сила од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар се искачи на 1,002, додека над 2.300 луѓе се повредени, соопшти војската на оваа земја. Уште 30 лица се водат како исчезнати, а спасувачките акции се во тек, пренесе агенцијата Синхуа.

Трамп повтори дека го сака Гренланд, Венс ја повика Данска дa не инвестира во безбедноста на островот

Трамп повтори дека го сака Гренланд, Венс ја повика Данска дa не инвестира во безбедноста на островот

Претседателот Доналд Трамп во петокот повтори дека сака да го присоедини Гренланд кон САД, тврдејќи дека тоа е многу важно за меѓународната безбедност, додека неговиот потпретседател ЏејДи Венс ја повика Данска да не инвестира во безбедноста на островот тврдејќи дека би му било подобо под „безбедносниот чадор“ на САД