Европа нема да има место на преговарачката маса за ставање крајна војната во Украина, изјави во саботата главниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, откако европски дипломати потврдија за Reuters дека Вашингтон им испратил прашалници на европските престолнини со прашањето со што би можеле да придонесат за безбедносните гаранции за Киев.

Трамп во средата ги шокираше европските сојузници откако му се јави на рускиот претседател Владимир Путин без претходно да се советува со нив или со Киев и прогласувајќи моментален почеток на мировните преговори со Русија за Украина.

Функционери од администрацијата на Трамп, исто така, последните денови јасно дадоа до знаење дека очекуваат европските сојузници во НАТО да ја преземат примарната одговорноста за регионот, имајќи предвид дека САД сега имаат други приоритети, како што се безбедноста на сопствените граници, мирот на Блискиот исток и спротиставувањето на Кина.

Запрашан дали може да ја увери јавноста дека Украинците и Европејците ќе бидат на преговарачката маса, генералот Кит Келог на конференцијата за глобалната безбедност во Минхен рече: „Одговорот на последното прашање (во врска со Европејците), токму како што вие го поставивте, одговорот е не“.

Украинците, меѓутоа, „се разбира“ ќе бидат на масата, рече Келог, додавајќи дека би било глупаво да се сугерира поинаку.

Тоа веднаш предизвика изрази на незадоволство кај европските лидери.

„Нема шанси да водиме дискусии или преговори за Украина, иднината на Украина или европската безбедносна структура без Европејци“, рече финскиот претседател Александер Стуб на конференцијата во Минхен.

„Но тоа значи дека Европа мора да се собере. Европа мора да зборува помалку и да прави повеќе“, додаде финскиот челник

Стуб рече и дека прашалникот испратен од САД до Европејците „ќе ги натера Европејците да размислуваат“.

Европски дипломат рекол за Reuters дека американскиот документ вклучува шест прашања, од кои едно е особено важно за земјите-членки на Европската унија.

„Американците им пристапуваат на европските престолнини и прашуваат колку војници се подготвени да распоредат“, рекол дипломатот кој сакал да остане анонименј.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така, ги повика Европејците да се соберат заедно.

„А на своите европски пријатели, би им рекол, влезете во дискусијата, не со жалење дека би сте можеле, да или не, да бидете на масата, туку со изнесување конкретни предлози, идеи, со зголемување на трошоците (одбранбените)“, рече тој во Минхен.

Франција разговара со своите сојузници за можноста за одржување неформален состанок на европските челници за Украина, на кој ќе се разговара за овие прашања, иако ништо не е решено во оваа фаза, изјави во саботата претставник на француското претседателство.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека средбата ќе се одржи во понеделник.

Келог, исто така, на конференцијата во Минхен рече дека разговорите за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина би можеле да се фокусираат на територијалните отстапки на Русија и насочување на руските приходи од нафтата.

„Русија во суштина е петро држава“, рече тој, додавајќи дека западните сили мора да направат повеќе во однос на ефективно спроведување на санкциите против Русија.

globe

Слични новости