Во дербито на колото Панатинаикос го совлада Фенербахче со 91:90. Во интересен меч гостите имаа водство од плус 2 (90:88) на 43 секунди до крајот. Костас Слукас израмни од линијата за слободни фрлања на 11 секунди до крајот. Фенербахче го имаше последниот напад за победа. Сепак, гостите промашија „тројка“, а Пао доби две слободни фрлања на 1,1 секунда до крајот. Кендрик Нан го погоди првиот, а вториот намерно го промаши за седма последователна победа на „зелените“ на арената „ОАКА“. Домаќините ги предводеа Слукас со 23 поени, а Најџел Хејс Дејвис од Фенербахче со 21 поен.

Тимот од Атина (15-10) по некомплетно коло се искачи на петтото место, додека Фенербахче е на второто место со сооднос победи-порази 16-8.

Кошаркарите на Црвена ѕвезда на домашен терен во Белград во вторникот вечерта го совладаа Асвел со 73:66 (19:18, 17:13, 20:17, 17:18) во натпревар од 25. коло на Евролигата.

Сите играчи во тимот на Црвена ѕвезда се впишаа во листата стрелци, а најефикасни беа Ајзеа Кенан со 11 поени, Коди Милер-Мекинтајр со 10 поени, пет асистенции и четири скока и Никола Калиниќ со 10 поени. Во победата придонесе Џоел Боломбој со седум поени и 10 скока.

За Асвел, Тео Маледон постигна 13 поени со шест скока и пет асистенции, а Бенџамин Бентил имаше 12 поени и четири скока. Нандо де Коло додаде девет поени, а Нил Сако и Жофри Ловерњ имаа по осум коша за францускиот тим.

Во 25. коло од Евролигата, кошаркарите на Реал Мадрид загубија на гостувањето кај Анадолу Ефес со 73:79 и покрај одличното издание на Марио Хезоња кој го предводеше Реал со 18 поени и пет скока, но сепак „кралскиот клуб“ го претрпе 12-от пораз. Ефес до 12. победа го предводеа Елајџа Брајант со 21 поен и шест скока и Винсент Поаре со 15 поени и 8 скока.

Жалгирис ја совлада Алба Берлин со 73:53. Игнас Браздеикис го предводеше Жалгирис со 21 поен, додека Јани Вецел беше најефикасен кај германската страна со 10 поени и 10 скока.

Жалгирис е на 13. место со скор 12-13, додека Алба е последна со 4-21.

globe

Слични новости