Демократска Република Конго ги заострува регулативите за извоз на кобалт, сигнализирајќи дека има намера да игра повлијателна улога во глобалните синџири на снабдување за производство на батерии за електрични возила и системи за складирање на енергија.

Владата на Конго го суспендираше извозот на кобалт во февруари за да го ограничи прекумерното снабдување и да го запре падот на цените, а во октомври воведе систем на извозни квоти, со цел да ги зголеми буџетските приходи и да ја заостри контролата врз пратките на стратешки важниот минерал.

Откако стапи на сила системот на квоти, Конго не испорача никакви пратки во странство, забележува Reuters.

Во најновата одлука на Министерството за рударство и Министерството за финансии, во која увид имал Reuters, Киншаса воведе нови регулативи за извозниците, кои сега мора да добијат сертификат за усогласеност со квотите од регулаторот за стратешки минерали.

Државните инспекции на пратките на кобалт, исто така, се заострени, а извозниците мора да ѝ платат на државата надомест за рударство од 10 отсто однапред, во рок од 48 часа од поднесувањето на извозната декларација, цитира Reuters документ од владата на Конго.

Новите регулативи беа воведени кон крајот на ноември и стапија на сила веднаш.

Со воведувањето на новата регулатива, Конго се обидува да се позиционира како помоќен играч во глобалните синџири на снабдување со батерии и да ја отфрли улогата на обичен снабдувач на суровини, пишува весникот West Africa Weekly.

Како дел од овие напори, државната рударска компанија „Gécamines“ неодамна потпиша договор за партнерство со трговецот со суровини „Mercuriа“, кој предвидува заеднички маркетинг на стратешки минерали, пишува африканскиот весник.

Уделот на ДР Конго во светското производство на кобалт надминува 70 отсто. Во 2025 година, африканскиот гигант, според некои проценки, треба да произведе над 280.000 тони од овој метал. Покрај кобалтот, ДР Конго произведува и големи количества бакар.

Новите регулативи би можеле да го „комплицираат“ системот на квоти, велат извори од индустријата, и да ја зголемат цената на кобалт хидроксидот, суровина неопходна за производство на батерии за електрични возила, поради недостиг во снабдувањето.

„Кобалтот во моментов е најскапата суровина во секторот во однос на растот на цените во 2025 година, но зголемувањето на цените е единствено предизвикано од воведувањето на извозни квоти во Конго, што резултираше со вештачки ограничени залихи, отстранувајќи 160.000 до 170.000 тони“ кобалт од пазарот оваа година, велат аналитичарите во австралиската инвестициска банка „Macquarie“.

За четвртиот квартал, ДРК постави извозна квота од 18.125 тони кобалт и планира да извезува 96.600 тони годишно од следната година, објави Reuters.

Најголемите квоти се доделени на најголемите производители, кинескиот CMOC и швајцарскиот „Glencore“, а државниот регулатор за стратешки минерали (ARECOMS) планира да задржи 10 отсто во стратешките резерви.

Покрај ДРК, кобалт хидроксид се произведува и во Индонезија, каде што се произведува како нуспроизвод од рударството на бакар и никел.

Трговците ги зголемуваат цените од февруари и го суспендираат извозот од Конго. Во Кина, цената на кобалт хидроксидот од ДРК сега е изедначена со цената на чистиот кобалт, кој моментално се тргува на Лондонската берза по околу 24 долари за половина килограм, или 52.900 долари за тон. Според Reuters, само до февруари, половина килограм чинеше 10 долари.

Скокот на цените и континуираната неизвесност во понудата би можеле да ја задушат побарувачката од секторот за батерии, забележуваат аналитичарите.

globe

Слични новости

Нафтата поевтини на 61 долар

Нафтата поевтини на 61 долар

Цените на нафтата паднаа на 61 долар на меѓународните пазари во средата, бидејќи новите проценки за производството во САД ги разгореа стравувањата од презаситеност на понудата следната година

Европските и азиските инвеститори претпазливи пред одлуките на Fed

Европските и азиските инвеститори претпазливи пред одлуките на Fed

На европските берзи се тргуваа претпазливо во средата претпладнето, како и на азиските берзи, додека инвеститорите чекаат одлуки и пораки од состанокот на американската централна банка за каматните стапки

Цените на среброто соборуваат рекорди

Цените на среброто соборуваат рекорди

Индустриската побарувачка за среброто нагло порасна, пред се за потребите на соларните панели, електирчните возила и електрониката. Од друга страна, производството во рудниците не успева да ја следи потрошувачката што создава дефицит на сребро.