Дресот на Коби Брајант за предсезоната и дебито во регуларната сезона со Лос Анџелес Лејкерс беше продаден за седум милиони долари на аукција во Sotheby’s во Њујорк во четврток, објави аукциската куќа.
Дресот беше дополнет со фотографии од седум натпревари од неговата дебитантска сезона 1996/97, вклучувајќи го неговото деби во предсезоната на 16-ти октомври и дебито во регуларната сезона на 3-ти ноември 1996 година, како и неговиот ден за медиуми во НБА лигата.

Со цената од 7 милиони долари, овој дрес е четвртиот најскап носен спортски дрес, зад дресот „call shot“ на Бејб Рут (24 милиони долари), дресот на Мајкл Џордан од финалето на НБА во 1998 година (10,1 милион долари) и дресот на Диего Марадона од Светското првенство во 1986 година, кој беше продаден за 9,3 милиони долари.
„Првите натпревари се навистина уникатни моменти во кариерата на еден спортист“, рече раководителот на одделот за модерно колекционерство на Sotheby’s, Брам Вахтер, во изјава за ESPN.
„Тие го означуваат настанокот на едно извонредно патување, а за легендарни спортисти како Коби Брајант, овие пресвртници имаат уште поголемо значење бидејќи претставуваат уникатен момент во времето што никогаш повеќе не може да се повтори“, додаде.
Оваа продажба ги надмина 5,85 милиони долари платени за неговиот потпишан дрес што го носеше на натпреварите кога беше прогласен за MVP во сезоната 2007/08.
Петкратниот шампион во НБА, Брајант, загина на 41-годишна возраст во хеликоптерска несреќа во јануари 2020 година, во која загинаа и неговата ќерка Џана и уште седум други лица.

Слични новости
Одбележани 73 години од раѓањето на Горан Стефановски
Кај спомен-клупата во Дебар Маало посветена на Горан Стефановски денеска се одржа настан „Горан е тука“ по повод 73 години од раѓањето на познатиот драмски автор.
Писмото на Наполеон за апсењето на папата Пиј VII продадено за 26.360 евра
Писмото на францускиот император Наполеон во кое тој наводно не се согласува со апсењето на папата Пиј VII, а коешто самиот го наредил, е продадено на аукција во Фонтенбло во неделата за 26.360 евра
„Златен објектив“ на Кинотеката годинава за светло-мајсторот Петар Богоевски
Наградата „Златен објектив“ која Кинотеката им ја доделува на филмски автори и културни работници кои придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија, оваа година ќе му припадне на светло-мајсторот Петар Богоевски