Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во вторник на владина седница Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) треба да поднесе извештај во врска со бојкотот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи и оти се можни мерки во однос на контрола на цените.
„Очекувам реферирање на следната седница на Влада, во вторник. Мислам дека Државниот пазарен инспекторат заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредни параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производители, дистрибутери и ланци, тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе биде проширена бидејќи не само супермаркетите или хипермаркетите, предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки, продавници за бела техника. Не може некои производи во соседните земји да бидат два – трипати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка“, изјави Мицкоски.

Рече и дека ги разбира граѓаните и нивниот револт за бојкотот на маркетите, поради високите цени на производите, но смета дека решението треба да се бара со разговор помеѓу сите засегнати страни.
„Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено тогаш како Влада ќе мора да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционализам да водиме политика, сакаме преку дијалог да дојдеме до заедничко решение. Се обидовме пред Нова Година, но знаете како заврши тоа, беше нарушена довербата помеѓу Владата и трговците“, додаде Мицкоски.
Премиерот не ја исклучи можноста да се донесат мерки во однос на цените на производите уште на седницата во вторник, на која ќе реферира и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, а на која ќе бидат поканети и други надлежни институции.
Мицкоски ја најави и изградбата на нов автопат од Букојчани до Кичево, со што ќе се направи комплетно ново автопатско поврзување од Тетово, преку Гостивар, Букојчани, Кичево до Охрид. Останува дискутабилен уште делот од Требеништа до Ќафасан, бидејќи како што рече, станува збор за дел кој влегува во зоната заштитена од УНЕСКО, за што се бара решение.
„Проектот од Букојчани до Кичево ќе биде финансиран со заем од ЕБРД, од околу 130 милиони евра, од нив 20 – тина милиони гранд компонента. Очекувам да биде завршен крајот на 2028 или првата половина на 2029 година кога се планира и овој другиот прокет од Тетово до Букојчани да биде завршен со што ќе добиеме една комплетна целина. Сега е објавен јавниот повик кој што е претквалификација. Очекувам до март да заврши и потоа да се објави повик за компаниите на кој ќе се квалификуваат и да ја избереме најдобрата компанија. Очекувам тоа се да заврши до крајот на годината“, рече Мицкоски.
Слични новости
Партиите ја чекаат поканата на Филипче за да се кажат дали ќе учествуваат на средба
Парламентарните партии ќе ја чекаат официјалната покана од лидерот на СДСМ Венко Филипче па потоа ќе се изјаснат дали ќе учествуваат на средба, додека ДУИ условува со поддршка за формирање на Комисија со меѓународни набљудувачи за истрагата за пожарот во Кочани.
Денеска собир на иницијативата „кој е следен“ пред македонскиот парламент
Пред Собранието на Република Македонија денеска се одржува собир на граѓани во организација на иницијативата „Кој е следен“, насловен „Народно собрание“. Од Иницијативата „Кој е следен“ вчера преку соопштение се оградија од политичките партии.
Ноќеска почнува летното сметање на времето, часовниците во два часот по полноќ се поместуваат на три
Времето ќе се пресметува така што во два часот по полноќ, часовниците се посместуваат за еден час нанапред, така што во 02 часот, ќе биде 03 часот.