На валутните пазари американскиот долар порасна во однос на кошницата валути минатата седмица, по трите седмици пад, додека еврото ослабе, бидејќи избледеа надежите дека наскоро ќе започнат мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, минатата седмица се зголеми за 0,8 отсто, на 107,56 поени. Курсот на еврото во однос на доларот ослабе за 0,8 отсто, на 1,0375 долари. Американската валута зајакна и во однос на јапонската, за 0,9 отсто и достигна 150,60 јени.

Еврото се најде под притисок во петокот, бидејќи судирот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанокот во Вашингтон ги намали надежите дека наскоро ќе започнат мировните преговори меѓу Русија и Украина. Зеленски ја напушти Белата куќа набргу по средбата и не потпиша договор со САД за заедничко ископување на ретки метали.
„Разговорите за мировните преговори меѓу Русија и Украина се чинеше дека постигнуваат напредок, но во петокот тие надежи нагло беа уништени. Но, тоа е само една од бројните несигурности што тежат на пазарот“, вели Џек Мекинтајр, менаџер на портфолио во „Brandywine Global“.
Заканите на Трамп за царини, исто така, придонесуваат за несигурноста на пазарот. Тој најави дека царините за увоз од Канада и Мексико, како и дополнителни 10 отсто царини за увоз од Кина, сепак ќе стапат на сила следната седмица.
Трамп рече и дека наскоро би можел да воведе царини од 25 отсто за увозот од Европската унија, а бидејќи Европската комисија најави брз и решителен одговор, инвеститорите стравуваат од тарифна војна, која може негативно да влијае на растот на целата светска економија.
И поради ова, сè појасно е дека американската централна банка нема да продолжи да ги намалува каматните стапки во скоро време, иако серија неодамнешни макроекономски податоци укажуваат на забавување на растот на најголемата светска економија. Имено, челниците на Fed продолжуваат да велат дека инфлацијата се уште е над целното ниво од 2 отсто и дека чекаат индикации како политиките на Трамп, особено царините, ќе влијаат на економијата и на инфлацијата.

Слични новости
Цените на нафтата под 70 долари
Цените на нафтата паднаа под 70 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи најавеното зголемено снабдување од групаta големи производители ги надмина навестувањата од Вашингтон дека може да воведе санкции за иранскиот извоз
BioNTech ја заклучи 2024. со загуба
Германската биофармацевтска компанија „BioNTech“ во понеделникот објави дека ја завршила 2024 година со нето загуба и значително помал приход поради послабата побарувачка за нејзината вакцина против против ковид-19
Значително зголемен увозот на оружје во Европа
Податоците на SIPRI, исто така, укажуваат на континуирана доминација на САД на глобалниот пазар, бидејќи американските компании го зголемиле својот удел во извозот на оружје